Денеска, во објектот на Европскиот парламент во Стразбур, ќе се одржи официјална свеченост за започнување на прославата на Денот на Европа – 9 мај и на 75-годишнината од донесувањето на Шумановата декларација. Свеченоста ќе отпочне со пренесување на видео обраќање на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, по што ќе следи говор на потпретседателот на ЕП, Јунус Омарџи. Официјалниот дел од почетокот на овогодишното одбележување на Денот на Европа ќе биде заокружен со настап на музичкиот состав „Воа де Страс“ („Voix de Stras’).
Посетителите, преку разновидни поставки и интерактивни занимации, ќе имаат можност да се информираат за начинот на работа на Европскиот парламент, како се донесуваат законите и за значењето на европската политика. Главниот дел од настаните поврзани со одбележувањето на Денот на Европа во европските институции ќе се реализираат на 9 и 10 мај. Инаку, оваа година, ЕУ, заедно со Денот на Европа, ја одбележува и 75-годишнината од Шумановата декларација, која ги постави темелите на денешната Европска Унија и го отвори патот за „просперитет, мир, демократија, солидарност и соработка во Европа“.