Ден по хуманитарниот концерт на Тамара Тодевска во МКЦ, емоциите кај сите „спласнуваат“, впечатоците се сумираат, но важно е она што ќе остане. Преку своја лична изјава, Тамара Тодевска се заблагодарува до сите присутни кои вчера беа дел од концертот во МКЦ и донираа за погодените од трагедијата во Кочани: Утринава се разбудив со неверојатно чувство на благодарност. Уште еднаш, сакам да се заблагодарам на сите добри луѓе кои вчера беа во МКЦ, на сите мои верни фанови, поддржувачи, колеги – музичари, новинари… на сите кои одлучија да поддржат квалитетна македонска музика и да донираат за Кочани. Вчеравечер потврдивме дека само музиката и уметноста ја имаат моќта да обединат, да мобилизираат луѓе од сите генерации околу вистински вредности, а за една цел – помош и поддршка.
Изминативе месеци беа особено тешки за семејствата погодени од трагедијата, но и за сите граѓани на Македонија, затоа што сите сочувствуваме со она што се случи во Кочани… Чувствував обврска и одговорност да направам нешто, да помогнам преку мојата професија и тоа што најдобро знам да го правам. Задоволна сум што имавме достоинствен музички концерт и што собравме дополнителни средства за оние на кои им е најпотребно. Да останеме хумани, да слушаме македонска музика и да си помагаме меѓусебно. Ви благодарам од дното на душата, секогаш Ваша – Тамара Тодевска. Тимот на Тамара Тодевска информира дека се собрани повеќе од 600.000 денари од влезниците кои ги купија сите граѓани преку дигиталната мрежа на MK Tickets. Сите овие средства ќе бидат донирани за семејствата погодени од трагедијата преку Support Kocani.