Сергеј Сердиук е депортиран од Русија, заедно со неговата жена и детето. Забрането му е да влезе во Русија во наредните 40 години. Родниот град на Сергеј е Комиш-Зориа во украинскиот регион Запорожје. Тоа е територија окупирана од Русија во првите недели од воената инвазија во 2022 година. Според Москва, Комиш Зориа е сега „дел од Русија“. А бидејќи Сергеј, учител во локалното училиште одбил да работи за новите власти, решиле дека не треба ни да живее таму.
-Роден сум во Комиш Зориа и цел живот живеев таму. Сега сум избркан од мојот роден град и кажано ми е дека не сум живеел во државата во која сум мислел дека живеев. Како е ова возможно?, вели тој за „Гардијан“. Депортацијата на Сергеј и неговото семејство е дел на тековната операција за „прочистување“ на окупирните територии. Депортирањето може да се засили ако американските напори да се спроведе мировен договор меѓу Русија и Украина зашто така ќе се засили руската контрола на окупираните територии што Москва ги зазеде изминатите 3 години. Во првите месеци од 2022 година руските сили направиле списоци со потенцијално „проблематичните, про-украински“ членови на општеството во окупираните територии. Многумина се киднапирани, измачувани или однесени во руски затвори. Можеби уморни од трошоците за затварање на илјадници луѓе, властите сега пристапуваат кон нова „тактика“.
-Имаше случаи кога само ќе им дојдеа на луѓето и ќе им речеа „за твое добро е да исчезнеш од тука, или ќе треба да те однесеме во подрум“ и така луѓето сами си заминуваа, вели Сергеј за „Гардијан“. Но, во неговиот случај властите не ја оставиле работата на случајност. Иван Федоров, гувернер на Запорожје, проценил дека стотици луѓе се депортирани од окупираниот дел на регионот изминатите месеци. Владимир Путин потпишал декрет во март според кој „украинските државјани кои немаат правна основа да живеат во Руската Федерација мора да си заминат“ до 10 септември или да земаат руско државјанство. Целиот текст е објавен на „Гардијан“.