Директорката на Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија, Невена Маневска, вели дека единствениот државен ПЕТ-центар не работи три недели поради неопходно сервисирање и оти за тоа било информирано Министерството за здравство. Маневска вели дека ПЕТ-центарот од петок веќе ќе продолжи да си функционира нормално. „Десет години не беа сменети ХЕПА-филтрите во ПЕТ-центарот. Поради нивна презаситеност и затекната нарачка на погрешни филтри, мораше да се набават соодветни со што процесот во одделот за производство на радиоизотопи и синтеза на радиофармацевтици ќе тече непречено“,
вели Маневска во изјава за МИА.
„Го начекав ПЕТ-скенот со 700 пациенти на листа на чекање. Откако сум на функција, двојно се зголемени термините. Благодарение и на кадарот, намалена е листата на чекање за преглед. Правам сѐ за да се намали листата на пациенти кои чекаат за преглед“, додава Маневска. Од Министерството за здравство за МИА изјавија дека станува збор за редовен сервис за промена на ХЕПА-филтрите што покажале заситеност и без кои процесот не може да тече, а за „секоја промена законски мора да се направи реквалификација на чистите соби во одделот за производство на радиоизотопи и синтеза на радиофармацевтици, а истовремено оваа процедура е неопходна за воведување нова метода во интерес на пациентите со цел зајакнување на дејноста“. „Од страна на новото раководство на ПЕТ-центарот, веднаш е направен и нов динамичен план за надминување на затекнатиот проблем со листи на чекање во оваа установа. Сега листите на чекање се двојно намалени за разлика од претходно“, се вели во писмениот одговор на прашањата на МИА. Претходно, од опозициската СДСМ реагираа дека еден месец не функционира единствениот државен ПЕТ-скенер поради што пациенти од целата земја, чии терапии директно зависат од оваа дијагностичка процедура, се оставени без неопходното скенирање.