Мнозинството граѓаните сметаат дека некој друг е одговорен за војната во Украина повеќе отколку самите Русија и Украина, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Според него, 28,9% од граѓаните сметаат дека некој друг е одговорен за конфликтот во Украина, 15,9% вината ја гледаат во Русија, 16,3% во Украина додека 21,5% во двете земји. Ова прашање го имавме и во анкетата пред 2 години и тогаш, значително поголем број граѓани сметаа дека Русија е виновна. Најголема е промената кај оние кои гледаат вина во Украина. Ако во 2023 година имаше само 5,9% кои вината ја лоцираа во Украина сега тој процент скокнал на 16,3% што е повеќе од 2,5 пати. Според огромно мнозинство граѓани, 47,3% во досегашниот тек на војната не победува никој. 28,1% сметаат дека победува Русија а само 4,2% Украина.
Споредбата со анкетата од 2023 година од истиот институт, покажува дека значително се намалил бројот на граѓани кои сметале дека победува Украина а уште повеќе се зголемил бројот на луѓе кои се убедени дека во досегашниот тек на војната победува Русија. Според граѓаните многу поголема штета од санкциите кои и беа воведувани на Русија претрпе Европа отколку самата Русија. Само 5,5% сметаат дека воведените санкции и прават повеќе штета на Русија додека 36,7% се убедни дека повеќе од штета трпи Европа. Сепак, мнозинството или 39,9% сметаат дека и двете страни трпат штети. 65% од граѓаните сметаат дека во досегашниот тек на војната Македонија доволно и помогнала на Украина додека 10,5% сметаат дека сме можеле и повеќе.
Споредбата со ланската анкета покажува дека за 10 поени се зголемил бројот на граѓани кои денеска сметаат дека доволно сме и помогнале на Украина са сметка на падот од 5 поени кај оние кои сметале дека сме можеле и повеќе. Во однос на крајот на војната со иницијативата на американскиот претседател Трамп, граѓаните се оптимисти. 63,6% сметаат дека војната со помош на Трамп би можела да заврши во следните неколку месеци за разлика од 18,5% кои не го очекуваат тоа. Истражувањето на јавното мислење за Детектор го спроведе ИПИС со телефонска анкета спроведена од 1 до 4 март оваа година на репрезентативен примерок од 1050 испитаници од целата држава.