Дете од Бардовци е повредено вчера во основно училиште во скопската општина Карпош, при изведување на опасниот „ТикТок-предизвик“ во кој група деца фрлаат врсник во воздух. Случајот го пријавил таткото на детето, велат од МВР.
„На 27.05.2025 во 08:30 часот во СВР Скопје, М.Б.(51) од с.Бардовци, скопско, пријавил дека на 19.05.2025 во 10.30 часот на игралиште во основно училиште на подрачјето на Карпош, неговиот малолетен син бил фрлан во висина од неколкумина негови соученици, при што паднал и се здобил со повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, пишува во полициското соопштение.
Изминатава зима, во Скопје на сличен начин, при пад додека се изведува „предизвикот“, беа повредени повеќе десетици деца. Во повеќе земји од светот се забележани и сериозни случаи на повреди предизвикани од опасниот тренд.