Истражувањето, финансирано од Европската Унија, покажува алармантен тренд – првата употреба на дроги кај деца се случува на сѐ пониска возраст. Во периодот од 2023 до првата половина од 2024 година, Министерството за внатрешни работи евидентирало 130 деца-корисници на психоактивни супстанции.
„Најмалото дете е под пет години. Гледаме драстично намалување на возраста на првата употреба. Сѐ повеќе деца не само што користат, туку и нудат дрога“, рече Бајрамовска-Мустафа.Според податоците, најчесто се користат марихуана, амфетамини, екстази, но има и случаи со кокаин и хероин. Македонија, сепак, сѐ уште нема специјализирани установи за третман и одвикнување на малолетници.
Во Воспитно-поправниот дом „Тетово“ во Волковија, каде има деца зависници – вклучително и од хероин – нема стручен кадар ниту програма за одвикнување. „Персоналот нема обука, а третманот се сведува на спортски активности. Нема метадонска терапија, ниту било каков организиран медицински одговор“, нагласи Бајрамовска-Мустафа.
Таа укажа и на игнорирање на правосилни пресуди од страна на Министерството за здравство. Една таква е пресудата П4 бр. 884/21 од јануари 2022 година, со која се утврдува дискриминација и повреда на правото на третман на дете-зависник. И покрај тоа, Министерството не ја спровело, што претставува кривично дело.Во земјата нема систем за рана детекција на деца-корисници на дрога, нема рехабилитациски центри, а граѓанскиот сектор не е вклучен во справувањето со овој проблем. Институциите не соработуваат и не водат заедничка статистика.
„Освен Народниот правобранител и Европската Унија, никој не се занимава системски со ова прашање“, предупредува Бајрамовска-Мустафа. Според анализата, во 2023 година најголем дел од децата-корисници биле Албанци, а во 2024 – Македонци.Резултатите од истражувањето ќе бидат доставени до Министерствата за здравство, труд и социјала, внатрешни работи и правда, до центрите за социјална работа и здравствените установи, вклучително и Детската клиника.