Децата во Македонија генерално со мобилен телефон во рака поминуваат по 7-8 часа, односно колку што трае работното време на еден работник. Ова време може да се искористи продуктивно, со активности кои ќе донесат личен раст и развој на младите. Oд Првата Детска Амбасада во Светот Меѓаши објаснуваат дека децата треба што помалку време да поминуваат со мобилните телефони.„Можат да практикуваат, почнувајќи од наједноставните активности како пешачење, трчање, играње, спорт, танц па сè до цртање, сликање, пишување или свирење на музички инструменти, се разбира согласно индивидуалните афинитети на децата и младите. Замена на читање на е-книга со физички достапна книга, која ќе им помогне да ја развијат фантазијата, но и да го продлабочат знаењето за одредени теми…Излегување со пријателите, волонтирање, учество во активистички клубови и/или помош и поддршка на социјално загрозени семејства, се дел од активностите кои Детската амбасада ги промовира со своето долгогодишно работење“, велат од Меѓаши. Објаснуваат дека толку долго седење на телефон или било кој друг електронски уред може да има негативни последици кај децата и младите, како на психички така и од физички аспект.
„Екранизмот, или зависноста од екрани, е појава која станува сè почеста кај децата и младите, и е нешто за кое зборуваме во јавноста подолг временски период. Премногу време поминато пред екран може да води кон проблеми со спиење, намалена физичка активност, социјална изолација и проблеми со видот. Покрај тоа, преголемата изложеност на содржини на социјалните мрежи независно дали станува збор за Тикток, Инстаграм, Снепчет или Јутјуб, Нетфликс и слично, може да има негативно влијание врз менталното здравје кај децата и младите, креирајќи искривена слика за реалниот свет следејќи ги светските трендови, притоа предизвикувајќи анксиозност која понатаму може да доведе до појава на други нарушени состојби“, додаваат од Меѓаши. Советуваат за децата да се ограничи времето поминато на електронските уреди (телефон, лаптоп, компјутер..), колку тоа и да им звучи трагично и невозможно. Различни студии покажуваат дека преголемата изложеност на социјалните мрежи може да предизвика чувство на незадоволство и недостиг на самодоверба, додека долгото седење пред екраните може да предизвика болки во грбот, очите, главоболка и слично.