Пишува: Валентина ВУРМО
Во времето кога станав студент, пред точно 20 години, на своја кожа осетив и со свои очи видов дека ние всушност сме немале систем, туку системот биле поединци, шерифи, кои наместо да го почитуваат словото на законот, самите биле закон. Па така, за да добиеш „пристојно“ легло во студентски дом требаше да подмачкаш, со пари или партиски врски, а во спротивно, ако имаш среќа воопшто да си на списокот, делиш соба со глувците. И тука завршуваше се. Повеќето бевме деца кои беа воспитувани да бидат вредни и послушни, да ги почитуваат постарите и надредените, без вода во очите и евра во џебовите, па наместо да го кренеме гласот, бевме пресреќни што нашата генерација, родена во средината на 80-тите, барем доби нови душеци за спиење. Ма на радоста и немаше крај. Потоа увидовме дека процесот на подмачкување бил член од „законот“ и на дел од факултетите. Професори митаџии подготвуваа за живот млади луѓе, кои „подмачкувањето“ го прифатија како вообичаена пракса која мора да се применува за да не зариба системот. И така процесот врвеше и за оние кои сакаа да се вработат во државната администрација, а се применуваше и на сите останати полиња во животот. Ма, со еден збор, корупцијата беше вдомена во сите пори во општеството. Камо среќа уште тогаш да се сплотевме, да застаневме рамо до рамо и да кажевме доста е!
И сега наеднаш ние сме изненадени каде живееме? Зарем мораше да ни се случи трагедијата во Кочани, пред очи да ни изгорат толку многу деца, за да увидиме дека сме немале систем? Зошто многу порано јас, ти, сите ние, не бевме доволно гласни, па на сиот глас да врескаме дека не сакаме да живееме во дивоградба? Во држава која нема систем, бидејќи истиот испукал по сите шавови, ако некогаш воопшто и бил составен како што треба. Низ годините поминале и нашите и вашите и моите и твоите, ама никој не ја срушил дивоградбата, туку само ја надградувале и проширувале. Зошто не ја урнавме навреме, а дозволивме да ни ја сруши иднината? А требало да се срамни со земја и тула по тула да се гради од почеток! Затоа сега не се добројуваат виновниците. И не дека некој од нив посакувал или можел да предвиди што ќе следи, но кога седиш на засечена гранка, не е ниту незамисливо дека еден ден ќе се скрши.
Искрата почнала да тлее уште од 2012 година, а потоа низ годините се повеќе и повеќе се потпалувала. Многумина при очи се правеле слепи, а други намерно замижувале. Системот до толку бил изместен, што ниту една алка од синџирот не е без рѓа. Дури му ставил и цена на животот. Го вреднувал стотина евра, колку што чинела и фалс лиценцата за кабарето ,,Пулс”. За жал нема назад, времето колку и да посакуваме, не можеме да го вратиме. Бевме сведоци на најтешките денови во историјата на нашата дивоградба. Ни ги скршија фиданките кои допрва требаше да се разеленат и цветаат.
На стотина семејства засекогаш им ја одземаа радоста, а градот, па и државата, ги зацрнија за навек. За ваква болка не постои утеха. Не постои човек на кого душата не му се затресе, а срцето не му се стегна во градите. Можеме само да се молиме Господ да им даде сила на родителите и најблиските, за да можат да го зачуваат споменот на најмилите. Властодршците, пак, веќе еднаш нека се одлучат дали ќе ја срамнат со земја дивоградбата и ќе дозволат да живееме без страв дека секој момент ќе ни се сруши врз глава, или да се евакуираме надвор од неа, додека за сите не е предоцна. Друго чаре за жал нема. Во мирнодопски услови сме приморани да бираме дали ќе живееем или ќе преживуваме, слобода или смрт!