Државниот грб што го имаме во моментот ги задоволува сите потреби. Не е точна тезата дека само одреден број држави кои се настанати во поствоениот период ги носат комунистичките определби. Денес имате држави членки на ЕУ токму со грбови коишто се донесени уште во тој временски период и се прогресивни и напредни држави, како што е Словенија, изјави вечерва во своето гостување во Дневникот на Сител, лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски. „За државниот грб и неговото значење од суштински аспект многу повеќе треба да говорат хералдичарите, бидејќи тие се стручни и компетентни. Нашиот грб за првпат датира од 1946 година. Точно е дека тоа е иконографија, не само на нашиот државен грб, туку и на сите новосоздадени држави после Втората светска војна, коишто првенствено се со социјалистички или комунистички идеи, и оtтогаш претрпува две модификации.
Се менува во Социјалистичка Република Македонија, а последната промена е кога е тргната петокраката, која има симболика на Народноослободителната борба, кога ние всушност и станавме независна држава. Променет е првиот изглед, од Пирин Планина на самиот грб, при што подоцна за симбол одбележје е земен највисокиот врв – планината Кораб. Ја имаме реката Вардар и сметаме дека овој грб во целост ја отсликува нашата современа иконографија и каква е Македонија – различна по сите основи, а во суштина држава создадена по труд и крв на нашите предци, кои се заложиле да ја имаме“, рече Димитриевски. Тој е на ставот дека овие теми требало да бидат елаборирани во последните 35 години во државата, а дека сега мора да се фокусираме на многу поважни теми како што се економскиот развој, борбата против корупцијата и евроинтегративниот процес. „Се отвори темата за менување на грбот. По дифолт веднаш дојде барање за измени на химната. Претпоставувам, дополнително ќе се отвори и прашањето за знамето и тоа се теми кои нè враќаат назад, а ние сме против отворање на таквите теми и сметам дека тој вокабулар треба да биде минато во државата. Овој грб е апсолутно нешто што ние го имаме во моментот и ги задоволува сите потреби“, нагласи Димитриевски.