Апелирам Законот за нефер трговски практики да се почитува од сите чинители, не само од трговците, рече министерката. Помалата реализација на увозните царини од планираните е резултат на пониските износи во фактурите како резултат на намалувањето на берзанските цени, а тоа е уште една потврда дека инфлацијата не е увезена, туку домашна, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешниот брифинг со новинарите.
– Јас и пред неколку месеци посочив дека ние немаме увозна инфлација. Она што Министерството за финансии може да го направи во својот домен е да внимава на расходите за да не ја подгрева инфлацијата. Другото е во доменот на Министерството за економија. Јас само апелирам да се почитува Законот за нефер трговски практики од сите чинители, не само од трговците. Можеби некоја институција поради недоволен капацитет во моментот не направила инспекциски надзор, но кога и да е, контролите ќе стигнат, а сè што е направенсо спротивно на Законот е направено еднаш засекогаш.
Во тој случај, тие што го изигруваат Законот ќе плаќаат драконски казни – рече министерката на брифингот со новинарите. Но, во однос на протестот на граѓаните во врска со високите цени во маркетите, министерката посочи дека не може да се поистоветат намалените увозни давачки, односно пониските фактури, со сè она што се случува во маркетите.– Еве на пример, какво влијание има цената на железо врз маркетите? Сакам да ги разграничиме работите. Транспортот е многу мал процент во однос на она што се увезува кај одредени производи, коишто немаат влијание на храната – рече министерката. Во декември, инфлацијата на храна во Македонија беше 5,6 проценти во однос на декември 2023 година. За цела 2024 година пак, просечната инфлација на храна беше 2,9 проценти.