Актерот Димитрија Доксевски е избран за нов директор на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ на денешното собрание на Друштвото на филмски работници (ДФРМ). Неговиот мандат ќе трае во следните две изданија на фестивалот. Како што соопшти ДФРМ, Доксевски ја презентирал својата визија за фестивалот, истакнувајќи дека ќе работи на зачувување на неговото реноме.
Доксевски е македонски филмски и театарски актер, сценарист и продуцент, роден на 28 јули 1983 година во Скопје. Дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2006 година во класата на проф. Кирил Ристоски, а во 2014 година магистрирал режија на истиот факултет во класата на професор Слободан Унковски. Својата професионална кариера ја започнал во Македонскиот народен театар во 2006 каде работел до 2011 година. Продолжил кратко да работи во Кумановскиот театар во прериодот од 2011 до 2013 година, по што во 2014 година се приклучил на ансамблот на Драмски театар Скопје и сè до денес е активен член на тој театар. Покрај настапите на матичната сцена, Доксевски има учествувано и во претстави на други театарски сцени низ Македонија, како и во филмски и телевизиски проекти во и надвор од Македонија. Извор: Новинска агенција МЕТА