„Во борбата со аерозагадувањето, секој чинител од општеството треба да даде свој придонес. Владата и министерствата, инспекторатите, општините, индустријата, возилата, но значаен е придонесот и на домаќинствата кои согоруваат цврсти горива и треба да се препознаат и како дел од проблемот, но и дел од решението. Тие треба да се вклучат со промена на навиките и да го покажат својот придонес“, потенцираше професор д-р Даме Димитровски од Машинскиот факултет и член на Ротари клуб Скопје Вест на денешната дебата на тема „Причини за загадување во Скопје“. Според професор Димитровски, најголеми загадувачи во Скопје се индивидуалните домаќинства, сообраќајот, делумно индустријата и други субјекти. Начините на решавање, според професорот, е промена на горивата за загревање и секој со сопствен пример да покаже дека е дел од решението на проблемот. На денешното предавање, во организација на Ротари клубот Скопје Исток, Димитровски истакна дека проблемот со загадениот воздух е долго анализиран (околу половина век) и добро се познати причините за загадувањето.
„Скопје и Македонија не се единствени кои имаат проблем со загаден воздух. Има градови кои успешно се борат и од нив треба да ги преземеме добрите практики, да ги прилагодиме кон нашите прилики. Борбата со загадувањето не се решава со еден потег, бидејќи ова е „војна“ со (аеро)загадувањето. Се поставуваат долгорочни и среднорочни мерки со големи очекувани резултати, итни мерки за намалено загадување и интервентни мерки за заштита на најранливите групи“, рече Димитровски, кој апелираше секој за себе да најде како загадува и да се приклучи на борбата против загадениот воздух, така што ќе одбере начин на греење, транспорт, работа без локални емисии на цврсти честички. Гувернерот на Ротари дистрикт 1912 Словенија – Северна Македонија, Мирослав Штравс, пренесувајќи го своето лично искуство од Словенија, рече дека оваа тема, генерално, може да го подобри квалитетот на живеење на граѓаните во Скопје и во целата земја. „На овој начин може да говориме за квалитетна околина, чиста животна природа и поради тоа, помалку болести, подобар живот, чиста средина. Утврдивме четири потенцијални точки каде што може да се вклучи Ротари: пошумување, заштита од пожари, ре-емисија поврзана со чиста околина и топлотна изолација на зградите. Со мали чекори може да се дојде до квалитетно решение. Има ротари клубови кои веќе работат на вакви проекти во Македонија“, рече Штравс.
Во Словенија, секоја година во април има акција за чистење, која трае дваесетина години и на тој начин, граѓаните даваат активен придонес во подобар квалитет на животот. Ротари клубот Скопје Исток, со оваа дебата, придонесува кон подигнување на свесноста за проблемот со кој се соочуваме и барање решенија за сите видови загадување, но и за аерозагадувањето кое ги мачи граѓаните на Скопје и на многу други градови во земјава. „Како ротаријанци даваме придонес во заедницата на разни начини. Одлучивме да ја отвориме оваа тема и меѓу ротаријанците и заеднички да бараме и да најдеме решение за предизвиците со кои живееме. Секако, ова е мотив кон ваквите активности да се вклучат сите чинители во општеството“, рече Игор Николоски, претседател на Ротари клубот Скопје Исток.