На Состанокот на генерални секретари на Парламентарното собрание на Медитеранот (ПАМ) на кој учествуваат генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска и заменик-генералниот секретар, Никола Ѓошевски, се одржаа две дискусии. На дискусијата во формат на тркалезна маса „Придонесот на членките на ПАМ во договорот за иднината на Обединетите нации”, претставникот на Обединетите нации одржа презентација за Договорот за иднината во која ги нагласи клучните приоритети на Договорот. Се осврна и на значењето на парламентите во процесот на усвојување, но и на надзор врз имплементацијата.
Во дискусијата која следеше, Димовска нагласи дека генералните секретари преку службата не се само организатори на парламентарните процеси, туку се институционалната меморија која е двигател на меѓупарламентарниот дијалог. Во дискусијата за одбележување 20 години ПАМ, учесниците се согласија дека Состанокот на генерални секретари е важен форум чиј формат треба да се унапреди, а темите на дискусија да се фокусираат на дигитализација на Парламентите, учество на младите во парламентаизмот и унапредување на надзорната функција на парламентите. На маргините на Состанокот, Димовска и Ѓошевски остварија средби со своите колеги од Мароко, Црна Гора, Франција, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати. Заедничка тема на средбите беа можностите и сферите за соработка меѓу службите, парламентарната дипломатија на ниво на генерални секретари.