Балканската музичка ѕвезда Дино Мерлин ќе гостува во Штип во септември, ќе донесе неколку милиони евра приход за градот, и се очекуваат околу 100.000 посетители, информира регионалната телевизија Стар.Најавата за концертот на Мерлин, кој ќе се одржел на Градскиот стадион во Штип, најверојатно за време на општинската манифестација Штипска пастрмајлијада, го привлече вниманието на јавноста. Мерлин важи за една од најголемите музички ѕвезди на екс Ју просторите, но и за најскапо платен музичар.
Околу штипскиот концерт, од регионалниот медиум посочуваат дека се подготвува мега шоу, и многу се внимавало на безбедноста.
Ќе биле инсталирани десетици чешми, мобилни тоалети, голем број на екипи на итната медицинска помош, тимови на противпожарни единици, строга полициска контрола, како и 15 влезови. Потенцираат дека нема да има употреба на било каква пиротехника за време на концертот.,,Фокус” се обиде да стапи во контакт со штипскиот градоначалник Иван Јорданов, со цел да дознаеме повеќе детали за најавениот настан, но до објавата на текстот тој не одговори на нашите пораки и телефонски повици.