Со самата поставеност на амфитеатарот, самата дистанца меѓу учениците, со почитување на сите протколи ќе се обидеме да обезбедиме еден успешен процес во кој бројот на преписи ќе се сведе на минимум, вели за Мета директорката на ДИЦ, Даниела Михајловска Јовчевска. Илјадниците препишувања на испитот на зрелоста кои беа евидентирани изминатите години, беше причина годинава надлежните да го организираат процесот на полагање во факултетски амфитеатри и во фискултурни сали низ земјава. Целта е резултатите што ќе се добијат да бидат што пообјективни. Директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Даниела Михајловска Јовчевска, за Мета денеска изјави дека периодов се прибираат податоци од сите градови за бројот на матуранти, а во исто време се договараат и се преговара и со универзитетите, за да се овозможи државна матура да се полага во амфитеатрите. Мета вчера веќе објави дека има договор за полагање матура на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“.
„Досега имаме договорено испитот да се реализира на факултети при УКИМ, на Универзитетот во Битола „Св. Климент Охридски“, како и со Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Очекуваме да ни отстапат простор и на Државниот универзитет во Тетово“, вели Михајловска Јовчевска. Таа додава оти одат град по град и најпрво ги собираат податоците за матурантите, односно колку ученици ќе полагаат по градовите. „Има училишта со мал број матуранти, па таму испитот ќе се спроведе во училиштата, во тие градови немаме оправдана причина да бараме поголем простор. Низ државата имаме и многу фискултурни сали, па одиме во таа насока и тие простори да се искористат“, вели Михајловска Јовчевска. Според неа, ваквиот начин на организирање на испитот на зрелоста ќе овозможи поголема прегледност и потранспарентен процес. „Поинаку е кога се полага во голем простор. И за тестаторите ќе е полесно да внимаваат на учениците, а тоа ќе доведе до пообјективни резултати. Со самата поставеност на амфитеатарот, самата дистанца меѓу учениците, со почитување на сите протколи ќе се обидеме да обезбедиме еден успешен процес во кој бројот на преписи ќе се сведе на минимум“, додава директорката.
Meта вчера објави дека на УКИМ, за полагање матура ќе се користи простор на Градежниот факултет, на Архитектура, на Земјоделски факултет, на Педагошки, на Машински, на Факултетот за електротехника и информациски технологии, како и на Технолошко-металуршкиот факултет. Ректорката Билјана Ангелова кажа дека на УКИМ ќе се полагаат екстерните предмети математика, мајчин јазик и странски јазици, на 31 мај и на 11 јуни и дека на УКИМ вкупно ќе полагаат 1.400 средношколци. Mинатата година, матурантите полагаа во училишните холови. Овогодинешната новина да се полага во амфитеатри и во факултетски предавалници доаѓа откако секоја година се јавува проблем со препишување во деновите кога се полагаат екстерните тестови. Во 2023 година, на пример, оценувачите во текот на процесот на оценување по предметот англиски јазик од државната матура, утврдиле дека дури 3.100 ученици препишувале на испитот. Тогашната директорка на ДИЦ, Благица Павловска, кажа дека утврдените недоследности (преписи) се откриени и санкционирани. Извор: Новинска агенција МЕТА