Директорка на училиште од струмичко Ново Село две години земала пари како менторка на приправници за образовни асистенти – позиција на која се назначила самата себе, поради што ќе одговара за злоупотреба на службената положба и овластување, велат од полицијата. Директорката-менторка на овој начин незаконски зела 5.000 евра, се додава во соопштението од МВР.
„СВР Струмица поднесе кривична пријава против С.Р.(54) од Ново Село, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Во текот на 2023 и 2024, пријавената во својство на директор на основно училиште во Ново Село, самата се назначувала за ментор на приправници за образовни асистенти, за што добивала парични средства во износ од 10% од нејзината бруто плата, со што се стекнала со противправна имотна корист во износ од 147.456 денари во 2023 година и 155.904 денари во 2024 година“, велат од полицијата.