Пред Уставот и законите мора сите да се еднакви, а дискриминацијата не треба да се дозволува или треба да се санкционира, рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова која присуствуваше на денешната презентација на извештајот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за 2024 година. Таа ја поздрави работата на Комисијата и извештајот, додавајќи дека очекува активен Уставен суд, како што ѝ доликува на една демократска земја. Најважната точка, која што ја спомена е дека работата и работните односи се најчестите области во кои се пријавува дискриминација.
-Најстрашно е што е најголема и најчеста е дискриминацијата во јавниот сектор. Значи, јавниот сектор се однесува како приватен сектор, а во светот е обратно, кај нас јавниот сектор, тоа зборува за нешто друго, не се узурпираат само ресурси и средства туку јавното добро се третира како сопствено добро и тогаш односот на луѓето е како да се вработени не во државни или јавни институции, туку во приватни – рече Сиљановска Давкова. Според неа време е и Уставниот суд да се појави на сцената во одбраната заедно со другите тела. „Во овој Уставен суд забележувам раздвижување, а тоа мислам дека го донесоа неколкуте мои колешки и претседателот на Уставниот суд и очекувам активен Уставен суд. Сите денеска во светот се плашат од хиперактивни уставни судови, а ние се плашевме од неактивен Уставен суд – истакна Сиљановска Давкова.