Државната матура 2025 година ќе се полага во амфитеатрите на пет државни универзитети со цел да се намалат случаите на препишување и да се зголеми објективноста. Од Државниот испитен центар сметаат дека на тој начин ќе обезбедат транспарентен и праведен испитен процес за 15.004 матуранти. Годинaшната државна матура ќе се спроведува не само во средните училишта, туку и во простории на пет државни универзитети низ земјата. Како што потврдуваат од Државниот испитен центар (ДИЦ) за Мета.мк, испитот на зрелоста ќе се полага во предавалници и амфитеатри на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, Државниот тетовски универзитет и Универзитетот на Југоисточна Европа. Директорката на ДИЦ, Даниела Јовчевска Михајловска, информира дека испитот ќе се реализира на овие универзитети како резултат на соработката со институциите на високото образование, а оние училишта кои пријавиле дека немаат доволно простор ќе ги испратат учениците да полагаат таму.
„Оваа година за разлика од лани, ученици од повеќе училишта ќе полагаат на факултетите, односно тоа се оние училишта кои се изјасниле дека немаат доволно простор во нивните објекти, согласно насоките кои им ги даваме,“ објаснува Јовчевска Михајловска. Првиот испит – мајчин јазик (македонски, албански, турски или српски) – ќе се одржи на 31 мај. Вториот екстерен предмет, кој може да биде математика или странски јазик (англиски, француски, германски или италијански), ќе се полага на 11 јуни. Годинава првпат е вклучен италијанскиот јазик како изборна опција, во согласност со наставната програма. Интерните испити ќе се спроведуваат од 17 до 25 јуни, а во тек се презентациите и одбраните на проектните задачи. Ќе дадат ли резултат мерки за спречување на препишувањето. Полагањето во големи универзитетски сали е дел од стратегијата за спречување мамење на испитите и за подобрување на објективноста во процесот на оценување. Според Јовчевска Михајловска, новата поставеност треба да овозможи поголема транспарентност и контрола.
„Сметам дека вака објективноста ќе биде поголема. Ќе се полага во големи простории, ќе има повеќе тестатори кои ќе бидат одговорни за групи од по 15 ученици. Во една просторија ќе има минимум 30 ученици, а максимумот ќе зависи од големината на амфитеатарот. Едни со други тестаторите ќе може да видат што се случува во другата група, па секој зад себе ќе сака да си остави добро мислење. Исто така ќе им и набљудувачи од Министерството за образование, ДИЦ, Бирото за развој на образованието. Очекувам и се надевам на пообјективни резултати“, вели таа. Тестовите за полагање се веќе испечатени, а наставниот материјал за подготовка останува ист како и претходната година. За секој предмет има испитна програма, која е работена врз основа на наставните програми. Единствена разлика има кај тестот по англиски јазик, кој годинава e работен по нова испитна програма и ќе биде поедноставен. Повеќе информации околу процесот на полагање има на matura.gov.mk.
Над 15.000 ученици ќе полагаат матура Вкупно 15.004 ученици се пријавени за полагање државна матура оваа година. Дел од новите мерки се донесени како одговор на честите случаи на препишување кои беа документирани во изминатите години. На пример, Мета.мк минатата година известуваше дека за време на испитот по мајчин јазик, дел од учениците добивале 0 поени на есејот доколку се утврдело дека користеле туѓи содржини. Но од лани, оваа санкција е построга – доколку се докаже препишување, се поништува целиот испит. Во 2023 година, еден од најзначајните инциденти беше фотографирањето на тестот од ученик и негово споделување во Вибер-група со околу 7.000 членови. Преку истата група биле дистрибуирани и решенијата на есејот. Во 2022 година, пак, дури 3.100 ученици препишувале есеи по англиски јазик користејќи содржини од различни веб-страници. Тие добиле 0 поени само на есејот, но бидејќи тестот содржи и други делови – прашања на заокружување и прашања со дополнување – дел од нив сепак го положиле испитот.
„Оние кои не положиле, имаат право да полагаат повторно во август“, посочуваат од ДИЦ. Преселувањето на испитите во големи простории е само една од предложените мерки за да се спречи мамење. Од Министерството за образование и наука (МОН) минатата година ја разгледуваа идејата за набавка на блокатори на мобилен сигнал, но истата не беше реализирана поради високата цена. Иако технолошките решенија би можеле да придонесат кон поконтролирана средина за полагање, надлежните остануваат фокусирани на организациски и логистички подобрувања. Дали новите мерки ќе дадат резултат и ќе обезбедат пообјективни и праведни резултати на испитот на зрелоста, останува да се види по завршувањето на испитниот период. Извор: Новинска агенција МЕТА