Договорот, потпишан во Лондон на 22 мај, предвидува кредитна линија од пет милијарди фунти за реализација на големи инфраструктурни проекти во железница, здравство, енергетика и технологија. Меѓу проектите се изградба и модернизација на железничката мрежа од Табановце до Гевгелија, нови болници, завршување на клиничката болница во Штип, студентски дом и зграда за Медицинскиот факултет, како и развој на сајбер безбедноста и дигиталната трансформација на владата.
Заменик-министерот Зоран Димитровски нагласи дека договорот не бара промени во законите и ќе ја зајакне соработката со Обединетото Кралство.Опозицијата критикуваше дека договорот е нетранспарентен, дека ќе доведе до презадолжување и претставува ризик за суверенитетот на земјата. Според нив, одредби во договорот го отвораат патот за нетранспарентни зделки и заобиколување на Законот за јавни набавки.
Владејачката коалиција одговори дека договорот е целосно транспарентен и историски важен, со јасни контроли и почитување на законите. Тие посочија дека овој договор е во спротивност со критиките за претходни тајни договори и дека ја унапредува соработката со една од најсилните светски економии. Собранието продолжи со работа по останатите точки од дневниот ред.