Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик денеска изјави дека е благодарен на српскиот претседател Александар Вучиќ и на Србија за поддршката, поради барањето до Интерпол да не распишува меѓународна потерница за него и за претседателот на Парламентот на РС Ненад Стевандиќ, објавија српските медиуми. Додик барањето на Судот на Босна и Херцеговина (БиХ) до Интерпол да издаде црвена потерница за него и Стевандиќ, го нарече „обид на Сараево да ги ограничи меѓународните контакти со раководството на Република Српска“.
Судот на БиХ вчера побара Интерпол да издаде црвен повик за Додик и Стевандиќ, поради сомнение дека сториле кривично дело „напаѓање на уставниот поредок на БиХ“. Одлуката беше донесена откако и двајцата ја напуштија БиХ, избегнувајќи ги законски пропишаните процедури за гранична контрола. Додик изјави дека „притисокот и злоупотребата на меѓународните институции не смеат да бидат средство за политичка борба во БиХ“. „Александар Вучиќ останува рационален глас на стабилноста, дијалогот и мирот во регионот. Неговата формула – дијалог, договор и почитување за сите без наметнување – е единствениот можен пат до решение и излез од кризата“, напиша Додик на „Икс“. „Затоа избираме одговорност и разум, а не уцени и авантуризам“, нагласи Додик.