Основниот кривичен суд Скопје денеска го осуди Елвин Куртовиќ на казна доживотен затвор за убиството позади трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје на 20 август минатата година. Претходно Куртовиќ призна вина, и кажа дека бил под дејство на дрога пред да го стори убиството, но тоа не претставуваше олеснителна околност. Самите себе сте се довеле во таква состојба со конзумација на кокаин и тоа не може да влијае врз пресудата. Државата не може да биде одговорна. Елвин Куртовиќ е виновен за убиството и се казнува со казна доживотен затвор. Во ова му се смета и времето поминато во притвор, рече судијката Моника Бахчовановска. Куртовиќ на 20 август, позади трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, од користољубие, со истрел од огнено оружје – пиштол, го лиши од живот бизнисменот Васил Ефтимов, по што со пиштолот се заканил и на неговата сопруга и ја одзел од неа торбата која таа ја носела на нејзиното рамо и една гајба во различни бои покриена со шаторско крило во која имало различен рачен алат, а која оштетените ја имале во возилото.
Подоцна во текот на истиот ден, кога полициски службеници го пресретнале обвинетиот заедно со уште едно лице во автомобил на улицата „Стојна Стефкова“ во Скопје, тој излегол од совозачката врата и кон четворицата полицајци испукал 3 проектили во обид да ги лиши од живот. Куртовиќ, кој издржувал казна затвор, но бил пуштен на викенд и не се вратил во затворот „Идризово“ изрази жалење за стореното и пред Судот кажа дека неколку дена бил под дејство на дрога.-Не сум добро ниту емотивно, ниту психички. Изразувам каење за кривичното дело. Не сакав да го убијам, се случи несреќа. Бев под дејство на дроги неколку дена, навистина. Претходно лежев за ситни дела во споредба сега со ова. Многу ми е жал, тоа е се што имам да кажам – рече Куртовиќ на минатото рочиште. Тој не призна вина за другите две дела „нелегално поседување оружје“ и „обид за убиство“. Неговата адвокатка Софија Лаличиќ побара најблага можна санкција. -Точно, мојот клиент уби човек. Но барам да им погледнеме на фактите во очи, а тоа е дека во нашата држава се случуваат многу кривични дела затоа што надлежните институции не си ја извршуваат задачата – рече Лаличиќ.
Ефтимов тоа утро заедно со сопругата се нашол на кобното место за да завршат некои приватни обврски. Но, бил убиен со пиштол „глок“ среде бел ден. Од официјалните информации што досега се соопштени, главен протагонист во грозоморниот чин е триесет и деветгодишниот Елвин Куртовиќ, кој, наместо во затворот „Идризово“, од април годинава, бил на улица. На тесниот паркинг-простор кај „Мавровка“ ги пресретнал сопружниците, го убил Ефтимов со пиштолот, а на жената ѝ ја украл торбата со лаптоп и избегал со „ауди“ без регистарски таблички. На местото на убиството пристигнало и второ возило „ситроен“ со белгиски регистрации, а крадењето продолжило. Дошол уште еден избеган осуденик од затворот „Скопје“ во Шутка и од багажникот на возилото на сопружниците украл гајба со рачен алат и избегал. Сето ова се случувало пред очите на жената, а како главен мотив се соопштува дека е „користољубие“. Поконкретно, сопружниците воделе бизнис и двајцата биле сопственици на две фирми. Наводно крадците барале злато, но ниту нашле, ниту, пак, сопружниците во моментот на убиството носеле со нив злато. По убиството, вториот осомничен за помагање во грабежот, Адем Куртовиќ „ситроенот“ го ставил во Гази Баба и се качил во „аудито“ на осомничениот за убиство. Но, во Чаир полицијата ги пресретнала. Додека едниот возел, Елвин Куртовиќ излегол од совозачката врата и пукал кон полицајците, кои сакале да го запрат. Четворицата полицајци испукале неколку предупредувачки куршуми во воздух и успеале да го приведат осомничениот за убиството. Вториот успеал да им избега, но набргу сам се пријавил во полициската станица „Пролет“.