Освен што имаат проблем при наоѓањето квалификувана работна сила, компаниите со странски капитал се жалат дека вадењето дозвола за престој е премногу долг процес, нагласи Виктор Мизо, претседател на Советот на презентацијата на бизнис и инвестициската клима во Македонија. Повеќе од 90 дена траат постапките за вадење работна дозвола и дозвола за престој, дури и кога странските државјани треба да се вработат како топ-менаџери во некоја од компаниите во земјава, реагираа од Советот на странски инвеститори. Освен што имаат проблем при наоѓањето на квалификувана работна сила, компаниите со странски капитал, се жалат дека вадењето на дозвола за престој е премногу долг процес, нагласи Виктор Мизо, претседател на Советот на презентацијата на нивната оцена за бизнис и инвестициската клима во Македонија. Недостигот на работници ја тресе целата македонска индустрија, но не помалку е тешко да се најдат и инженери и професионални менаџери, додава Мизо. Македонија лани ја зголеми квотата за увоз од 5.000 на 7.000 странски работници. – Ова е голем бирократски проблем за кој апелираме до Владата што побрзо да се реши. Не е добро, а воопшто не ни е во корист процедурите за дозвола за престој да траат со месеци – истакна Мизо. За еден работник од странство да дојде да работи во земјава најпрво треба да добие дозвола за престој. Но, кога ќе дојдат овде, тие се пријавуваат во МВР и во Агенцијата за вработување, но компаниите не може веднаш да им дадат договор за работа, бидејќи најпрво треба да добијат дозвола за работа. И Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи во неколку наврати посочи дека најголем проблем е што целата оваа процедура многу се развлекува, па се случува работник од странство да ја чека дозволата за работа и повеќе од еден месец. Затоа едно од барањата на работодавачите е итно да се олеснат процедурите за издавање работни дозволи. Поради сложени процедури, на јавна дебата се ставени нови измени на Законот за странци, но тие ќе носат олеснувања за вработување странски работници главно за стратешките партнери на државата, како компанијата „Бехтел и Енка“. Тоа не ја решава кризата со целосниот недостиг на работна сила, пишува Радио Слободна Европа.
– Во предлог-текстот што беше објавен на ЕНЕР се вели дека се утврдени проблеми во постојниот процес за странци да добијат привремен престој заради работа, кој често е обременет со сложена и обемна документација. Иако целта е да се поедностави процедурата, измените на Законот за странци е фокусиран главно на потребите за вработување на стратешките партнери. Во предложениот текст се вели дека компаниите со статус на стратешки партнер ќе можат да вработуваат странци без оглед на исцрпеноста на државната квота и без одобрение на Агенцијата за вработување. Постапката за издавање привремен престој ќе биде забрзана, а престојот на странските работници ќе се продолжува до една година со гаранција од работодавачот. Новина е што правното лице поднесува барање за престој директно во Министерството за внатрешни работи, прескокнувајќи ја Агенцијата за вработување. Стратешките партнери ќе поднесуваат писмена гаранција дека ги преземаат сите трошоци за престојот на странците, вклучувајќи евентуално принудно отстранување. Исто така, новите измени дозволуваат привремен престој на странски работници што биле осудени во нивната земја, но не и во државата во која доаѓаат. Измените предвидуваат дополнителни рокови за постапките, вклучително и пократок рок од 30 дена за одобрување престој – објави РСЕ.
ЕК: Некои работни места во приватни компании се само за македонски државјани. Граѓаните на една земја членка имаат право да работат во друга земја членка и мора да им бидат обезбедени исти работни и социјални услови како и на другите работници. Не е постигнат напредок во усогласувањето на националното законодавство со правото на ЕУ во однос на пристапот до пазарот на труд. Законот за вработување и работа на странци не прави разлика меѓу граѓаните на ЕУ и други странци. Квотата на работни дозволи се утврдува годишно, а дозволено е обединување на семејството, пишува во Поглавје 2: Слободно движење на работници во Извештајот на ЕК за Македонија, објавен лани во октомври. – Граѓаните на ЕУ не може да пристапат до работни места во јавната администрација освен потесен список на позиции во здравството и високото образование. Исто така, некои работни места во приватните компании се предвидени исклучиво за државјани на Северна Македонија. Во 2023 година, Северна Македонија издаде 834 работни дозволи за странски работници. Земјата има потпишано три билатерални договори за сезонски работници со Германија, Словенија и Катар, од кои само договорот со Германија почна да се спроведува. Нема напредок во областа на Европската картичка за здравствено осигурување (EХИК), бидејќи само девет земји членки на ЕУ (Австрија, Белгија, Бугарија, Република Чешка, Германија, Луксембург, Холандија, Словачка и Словенија) имаат пристап до медицински услуги во јавните и во некои приватни здравствени установи во земјата – стои во Извештајот.