Во видеото каде тонот е додаден дигитално, доктор Жан Митрев е лажно презентиран како пропагатор и изумител на крем за колена. Невистинито се тврди дека тој наводно „ги нарекол идиоти сите кои лекуваат болки во зглобовите со апчиња“. Сите здравствени и медицински тврдења кои му се припишуваат на доктор Жан Митрев во лажната реклама создадена со дигитални алатки, како и тврдењето дека тој измислил крем за лекување болки во грб, колена, артритис итн, се невистинити. Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ВНИМАНИЕ, ПЕНЗИОНЕРИ! ЗА СИТЕ КОИ СТРАДААТ ОД АРТРИТИС, ОСТЕОАРТРИТИС И ДРУГИ ЗАБОЛУВАЊА НА ЗГЛОБОВИТЕ, ОВА Е ВИСТИНСКО СПАСУВАЊЕ НА ЖИВОТОТ…
Во склоп на објавата има видеоматеријал кој е креиран со помош на додавање на лажно „сценарио“ и глас со помош на дигитални алатки, а на кој е злоупотребено видео од интервју на доктор Жан Митрев, со цел да се искористи неговиот кредибилитет како лекар за да се промовира производ на манипулативен и нечесен начин. Во видеото каде тонот е додаден со помош на дигитални алатки, доктор Жан Митрев е лажно презентиран како пропагатор и изумител на крем за колена. Невистинито се тврди дека тој наводно „ги нарекол идиоти сите кои лекуваат болки во зглобовите со апчиња“. Сите здравствени и медицински тврдења коишто му се припишуваат на доктор Жан Митрев во лажната реклама создадена со помош на дигитални алатки, како и тврдењето дека тој измислил крем за лекување болки во грб, колена, артритис итн, се невистинити.
„Вистиномер“ го пронајде видеото од интервјуто коешто докторот го даде за ТВ 24, а кое го водеше новинарот Мишко Иванов. Токму тоа видео во објавата што ја рецензираме е злоупотребено за малициозен маркетинг. Видеото може да го погледнете на следниот линк и тоа е емитувано на ТВ 24 на 26 март 2020 година, како што забележавме споредувајќи ги сценариото во студиото, облеката на новинарот и гостинот и разните нивни гестикулации. Во вистинското интервју доктор Жан Митрев воопшто не ја кажува содржината на исказите кои се невистинито презентирани во објавата што ја рецензираме. Тој не дал интервју за никаков негов изум – маст за зглобови, ниту пак ги нарекол „идиоти“ тие што лекуваат болки во колената со апчиња. Всушност, доктор Жан Митрев е кардиохирург, а не ортопед и не се впуштал во јавни излагања на тема лекување на зглобови. Во оригиналното интервју емитувано на ТВ 24 тој зборува во екот на ковид-пандемијата и за работата на клиниката, но неповрзано со третирање зглобови.
Во објавата што ја рецензираме, гласовите и на новинарот Мишко Иванов и на доктор Жан Митрев се изменети, што се гледа по акцентот кој е карактеристичен кога видеоматеријали се изменувани со помош на вештачка интелигенција. Ништо од наведеното како текст односно содржина на искази не е кажано во интервјуто од кое е неовластено преземена видеоснимката, за потоа да се додаде невистинитиот глас со помош на кој се прави обид да се продаде маст. Маста не ја има создадено доктор Жан Митрев ниту пак „100 илјади пациенти во Босна и Херцеговина ја препорачале“, како што невистинито се тврди во видеото. Исто така, немало никаков „скандал во кој Жан Митрев ги нарекол идиоти тие што лекуваат зглобови со апчиња“. Станува збор за манипулација и додавање на аудио-сценарио на вистинско видео, со помош на изменување на гласот.
„Вистиномер“ и претходно има рецензирано и откриеано и други наврати во коишто доктор Жан Митрев беше злоупотребен за да се продаде некаков препарат. Во тој случај идентитетот на Митрев беше злоупотребен за да се пласираат лажни медицински тврдења кои тој никогаш не ги дал – дека конкретниот препарат содржел состојка „за стопроцентно враќање на видот“. И во тој случај имаше изменување на содржината во делот на синхронизацијата (altered content). Тогаш за Вистиномер од Клиниката „Жан Митрев“ ни рекоа дека станува збор за злоупотреба на името на докторот и дека тој не се бави со вакви реклами.
Ве молиме да не верувате на вести кои не произлегуваат од официјалните канали за комуникација на Клиничката болница Жан Митрев, изјавија тогаш од Клиниката.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.