ДОМ со загриженост го следиме начинот на решавање на предизвиците во областа на градежништвото. Неодамнешното укинување на членот 62-а од Законот за градење може да послужи како пример зошто е важно да се пристапи кон системски реформи, наместо кон парцијални интервенции. Членот 62-а имаше за цел да им овозможи на граѓаните да го изразат своето мислење во врска со нови градби кои можат да влијаат на нивниот живот и имот. Неговото укинување отвора прашања за начинот на заштита на правата на граѓаните во иднина.
Веруваме дека за стабилен и праведен развој на градежништвото, потребни се темелни и долгорочни решенија, вградени во сеопфатни законски рамки. Свесни сме дека постојат подготвени нацрт-текстови за нов Закон за градење и Закон за заштита на културното наследство, кои нудат можност за создавање на таква рамка. Апелираме до Владата и Собранието:
* Да го преиспитаат пристапот на парцијални измени и да се фокусираат на донесување на нов Закон за градење и Закон за заштита на културното наследство на здрава основа, користејќи ги како појдовна точка веќе постоечките нацрт-текстови.
* Да обезбедат транспарентен и инклузивен процес на подготовка и донесување на овие закони, со цел да се создаде правна рамка која ќе ги штити правата на граѓаните, ќе обезбеди одржлив развој и ќе ја унапреди правната сигурност во областа на градежништвото.
* Во рамките на новите законски решенија, да се обезбедат механизми за заштита на правата на граѓаните во однос на влијанието на новоградбите.
Веруваме дека преку заеднички напори и фокусирање на системски решенија, можеме да создадеме подобро законско опкружување за сите.