Претседателот на една од колевките на модерната демократија, во која по пат на избори, уште од 1789 година, се избираат највисоките претставници на власта, својот избор не го поврза со американските граѓани што во голема мера гласаа за него, туку својот легитимитет го пронајде во божјото провидение да го заштити од атентаторите, а со самото тоа да го доведе на позицијата на која следните четири години ќе одлучува за сите битни прашања значајни за современиот свет Во своето инаугуративно обраќање во ротондата на зградата на американскиот Конгрес, четириесет и петтиот односно четириесет и седмиот американски претседател, Доналд Трамп, истакна дека тоа што е претседател на САД е резултат на божјата волја, бидејќи според него, Господ го спасил од атентатите што врз него беа извршени за време на претседателската кампања.
Од тоа каква и колку значајна ќе биде улогата на Маск во следната американска администрација, ќе видиме и каква ќе биде позицијата на Доналд Трамп во поглед на екстремните ставови на неговиот најверен поддржувач. И самиот Трамп, исто така, не е далеку од поставување нереални и екстремни цели. Неговата одлука за излегување на САД од Светската здравствена организација, може да се смета за почеток на поткопување на светскиот поредок, поставен токму од САД и во САД, со формирањето на Организацијата на обединетите нации, веднаш по завршувањето на Втората светска војна. Неговите отворени аспирации кон територија што ѝ припаѓа на друга суверена држава, како што е на пример Гренланд, кој повеќе од 800 години е составен дел на Данска, исто така претставува отворено прекршување на меѓународното право и, покрај другото, легитимирање на агресивното однесување на Русија, која со војната во Украина веќе го направи истото она за кое Трамп смета дека може да го направи и САД, доколку Гренланд и Данска се спротивстават на неговата волја. Инаку, и покрај тоа што Данска е членка на НАТО уште од 1949 година, помеѓу САД и Кралството Данска постои посебен билатерален договор, со кој на САД им е дозволено на територијата на Гренланд да стационираат свои бази, а доколку сметаат дека е загрозена нивната безбедност и на друг начин да ја користат територијата на Гренланд, со што де факто им е пренесен дел од суверенитетот на оваа територија. Следствено на ова, барањето на Трамп слободно може да се карактеризира како опасен преседан и нерационален каприц. Трамп најавува „Златна доба“
Оваа формулација беше многу блага за европратеникот од Данска, Андерс Вистисен, кој во обраќањето пред пратениците на Европскиот парламент, откако ја објасни историската врска на Гренланд и Данска, повтори (тоа го повторуваат речиси сите официјални претставници на Данска), дека Гренланд не е на продажба, завршувајќи го својот говор со директна порака до старо-новиот американски претседател: „Господине Трамп, од…те“. Не толку драстична во своето обраќање беше бискупот Мариан Едгар Буде, која обраќајќи му се директно на Трамп на богослужбата што таа ја водеше, а на која присуствуваше Трамп со своето семејство, посакувајќи му успех во работата, го повика да го преиспита својот став кон малцинските групи и нелегалните мигранти и да се води по христијанското начело, да им помага на послабите од себе. Во гостување на националната телевизија, таа изрази длабока загриженост дека пораките на христијанството и учењата на Исус Христос се извитоперени од страна на официјалните претставници на државата, првенствено мислејќи на Трамп, кој се повика на божјото провидение како причина за неговото назначување за претседател на САД. Тој, пак, во својот прв говор како претседател на САД, ги повика Американците да се подготват за златната доба што доаѓа. Авторот на овие редови не се согласува со пророчкото предвидување на двојниот американски претседател. Според мене, златната доба на САД започна во 1945 година, по завршетокот на Втората светска војна, па преку падот на комунизмот во 1991 година, заврши со првиот мандат на Доналд Трамп во 2017 година. По 2017 година, Америка, свртувајќи се самата кон себе, ги отпушти уздите со кои суверено го раководеше светскиот поредок во изминатите децении и ѝ дозволи на Кина да почне да се позиционира во економска, политичка и воена смисла и да претендира да го заземе местото на САД. Оттогаш наваму, како и со несреќното владеење на остарениот Бајден, САД пополека но сигурно ја губат силата и капацитетот, кои мислам дека нема да бидат надоместени за време на новиот мандат на Трамп, туку напротив, ќе продолжат да опаѓаат. Сето ова ќе значи дека светот ќе влезе во еден неизвесен и турбулентен период што најмалку ќе може да се нарече златна доба, ниту за Америка, ниту пак за остатокот на светот.