Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска ја отвори донаторската конференција организирана со цел поттикнување на развојот и имплементацијата на проекти фокусирани на младите, како дел од политиките на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за социјална политика, демографија и млади. Пред присутните амбасадори, претставници на агенциите на ООН во Северна Македонија и меѓународните организации, министерот Лимани се осврна на стратешките приоритети на Владата и Министерството во делот на младите, односно реализација на поставените цели- подобрување на младинската инфраструктура, младинско организирање и учество во носење на одлуки и политики. Понатаму, ги посочи развојот на демографската политика со фокус на младите, поттикнување на повратните миграции, поддршката и заштитата на семејствата и унапредување на системот од областа на заштита на децата, кои се со цел ублажување на негативните демографски трендови, како дел од политиките за млади во државата.
„Многу е важно да го зголемиме учеството на младите во креирањето на политики и општествениот живот. За таа цел потребно е зголемување на бројот на ново оформени Локални младински совети (ЛМС) во општините, зајакнување на соработка со формите на младинско организирање, организирање на обуки за градење на вештини на членови на Локалните Младински совети и службениците за млади, зголемување на бројот на финансиски поддржани младински организации за реализација на проекти од областа на младите и друго,“ рече Лимани. Тој посочи и дека Министерството, продолжува со активности во делот на поддршка на млади талентирани лица, поддршка на млади поети, млади уметници, поддршка на младите во дeлот на нивното вработување, како и на ангажман во насока на целосно спроведување на Законот за младинско учество и младински политики. „Како Влада и ресорно министерство заедно со останатите надлежни институции кои во рамки на својата работа вклучуваат политики и мерки за млади, продолжуваме да вложуваме напори во обезбедување на услови и можности за младите, да ги задржиме во земјава, како и да ги мотивираме и оние кои заминале да се вратат во својата држава,“ рече Лимани.
Тој на крајот порача : „Ако сакаме подобра, посветла иднина за нашите деца, да ги мотивираме да останат во својата земја, но истовремено да ги мотивираме и оние кои си отишле од дома да се вратат и тука да живеат со своите семејства, мораме да ги убедиме дека има надеж и има можности за развој, просперитет и успех и тука во нивната татковина. Тој изрази уверување дека доколку сите заедно ги вложат своите капацитети, па и повеќе од тоа, ќе има успех. Лимани ги повика на засилена соработка и поддршка сите присутни. „Ајде заедно да и овозможиме на младината иднина каква што заслужува! Шанса и можности за секој млад човек!“ порача Лимани. Во моментов, се уште е во важност Националната стратегија за млади 2023-2027 и донесениот Акциски план 2023-2025 година, Министерството продолжува со реализација на Акцискиот план кој е во тек, а започнува со работа на нов Акциски план за 2026-2027 година.