Дописникот на Би-Би-Си, Марк Ловен денеска е депортиран од Турција откако претходниот ден беше уапсен во Истанбул, објави британската телевизија. Ловен ги покриваше масовните протести што избија по апсењето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу минатата недела. Тој беше уапсен во средата од турските власти додека бил во својот хотел во Истанбул. Тој бил задржан 17 часа пред да му биде врачено писмено известување за депортација, со образложение дека „претставувал закана за јавниот ред“.
„Мојот притвор и депортација од земјата во која живеев пет години и за која имам таква наклонетост беа крајно болни. Слободата на печатот и непристрасното новинарство се основни принципи за секоја демократија“, рече тој. Веднаш реагираше Би-Би-Си, со шефицата на вести Дебора Турнес, која го опиша инцидентот како „екстремно загрижувачки“. „Марк е многу искусен дописник со длабоко познавање на Турција и ниту еден новинар не треба да се соочи со таков третман за извршување на својата работа“, рече таа, додавајќи дека Би-Би-Си ќе поднесе жалба до турските власти, задржувајќи ја својата посветеност за непристрасно покривање на настаните во Турција.