По пауза од една година, од неодамна, државата повторно почна да продава конфискуван имот, одземен од правосилни осуденици. Агенцијата за управување со одземен имот деновиве објави три огласи, но таму ги нема плацевите или становите кои беа одземени од поранешните функционери. Два од огласите се однесуваа на продажба на возила, а денеска објавениот е за продажба на 784 хаварисани возила, кои ќе се продаваат како старо железо. Во Агенцијата прашавме кога ќе се огласи одземениот имот од екс премиерот Никола Груевски, како и оној на поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, од кој досега се продаде само мал дел. Оттаму ни одговорија дека се чека зелено светло од Владата.
Да, надминати се пречките и изработен е нов систем за електронска продажба. Имавме успешна продажба на моторни возила, во наредниот период имаме план за објава и на конфискуваниот имот од Никола Груевски и Сашо Мијалков, односно штом добиеме согласност од Владата за продажба на истиот, одговорија за „Фокус“ од Агенцијата за управување со одземен имот. Продажбата беше стопирана од февруари минатата година, најпрвин поради изборите, а потоа поради законски измени, се чекаше избор на нови членови на Управниот одбор на Агенцијата за управување со одземен имот. Потоа пак се чекаше на реакција од владата за да го усвои новиот статут по што требаше да се донесат правилници. Проценката на конфискуваниот имот од братучедите е направена, а особено е голем интересот за плацевите кои им беа одземени на Водно. Доколку имотот биде продаден, државниот буџет ќе се освежи за околу 8 милиони евра, но тоа ќе значи и дека во иднина на два рида на Водно, кој засега е недопрен и во чија близина нема објекти, ќе бидат изградени четири куќи со огромна површина и плус уште една покрај резиденцијата на сопругата на покојниот претседател Борис Трајковски.
Едно од земјиштата, на кое е предвидено да се изгради една куќа, беше одземено од поранешниот директор на УБК, а е со површина од 4.514 квадратни метри, во месноста Горно Курило. Всушност, парцелата е составена од градежно неизградено земјиште од 3.880 квадратни метри, на кое е предвидена маркичка за куќа и шума со површина од 634 квадратни метри. Проценката на овој имот е направена уште кон крајот на 2023 година, при што беше утврдена вредност од 2.059.000 евра. Тоа земјиште беше во сопственост на фамозната офшор-компанија „Ексико“, за која во случајот „Империја“ се разоткри дека била во сопственост на Мијалков. Поранешниот премиер Груевски на Водно имаше вкупно четири парцели, кои му беа конфискувани. Вкупната проценка на сите е 5,8 милиони евра, а три се наоѓаат во заштитеното подрачје. Станува збор за поголема парцела од 11.000 квадратни метри, во месноста Шербетница, поделена на три дела, со три маркички за куќи. И уште еден плац, од 2.700 квадратни метри, на кој, исто така, има маркичка за хациенда, но тој се наоѓа на почетокот на Водно, покрај резиденцијата на Вилма Трајковска. Трите земјишта во Шербетница, поточно на зафатот над Панорама, Груевски тајно ги купил во 2013 година. Зделката го чинела 1,3 милиони евра, кои, според пресудата, ги зел од партиската каса на ВМРО-ДПМНЕ, собрани преку донации. За да ја скрие сопственоста, пак, плацовите ги купува преку фирма на неговиот кум Ристо Новачевски.
По објавата на „бомбите“, кои го откриваат како сопственик, плацовите ги „продаваат“ на „Орка холдинг“ на Камчеви, а потоа тој ги продава на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Она што паѓа в очи е дека низ годините на овој имот вртоглаво му се зголемила вредноста, бидејќи од 1,3 милиони евра во 2013 година, сега е проценет на 4 милиони евра. Се очекува наскоро на продажба да бидат огласени и петте одземени станови од Груевски, за кои проценката беше направена уште минатата есен. Вкупната вредност на апартманите е 1,9 милиони евра, а три се наоѓаат во луксузниот комплекс „Панорама“ на Водно. Од Агенцијата за управување со одземен имот наскоро најавуваат оглас за продажба и на останатиот имот на Мијалков, 20 стана и 8 гаражни места на Водно, на улицата Славејко Арсов, два апартмана во хотел „Панорама резиденс“, два апартмана во хотелот „Парк“ во Охрид, градежно земјиште во Радња, Центар и во Богородица, како и деловен простор на улицата 11 Октомври во Скопје. Проценката на овој имот е направена, а вкупната вредност е над 21 милион евра.