Бит пазар / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески
Земјоделците велат дека не може да трчаат по нивите и да се занимаваат со продажба и дека за тоа се задолжени трговците
Извозот на храна се зголемил за 7,3 проценти во првите 7 месеци од годинава, во однос на истиот месец лани, додека увозот се зголемил за 11,5 проценти, покажуваат последните податоци од Државниот завод за статистика. Во овој период е извезена храна за 270 милиони евра, а е увезена двојно повеќе – 555 милиони евра. Од друга страна, секоја година се зголемува износот што се дава за субвенционирање на земјоделското производство, а по случувањата со короната и со војната во Украина, главната заложба на Министерство за земјоделство е да се зголеми производството на стратешка храна за да станеме што е можно увозно независни.
Растот на извозот на храна, особено на земјоделските производи, го изреволтираа министерот за економија Крешник Бектеши, кој деновиве им порача на трговците со храна дека не може Македонија да им биде резервна земја.
– Гледајќи ги податоците, и официјални и неофицијални, кои ги добиваме од различни извори, се забележува дека најголемо зголемување на цените има кај овошјето и зеленчукот. Имаме една порака –македонскиот пазар да не им биде резерва на трговците во делот на снабдување со овошје и зеленчук. Ќе следуваат и конкретни мерки. Од јули до денеска се забележува дека има многу голем извоз на одредени земјоделски производи, но тоа треба да биде во корелација со зголемено производство, а не да се случува поради тоа што во одредени држави има недостиг на овие производи, па наместо да го покриваат македонскиот пазар, количините да се извезуваат – изјави Бектеши.
Во 2023 година, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој располага со 140 милиони евра, од кои 114 милиони евра се наменети за исплата на субвенциите и спроведување на реформата во земјоделството. Земјоделците, според најавите од Министерството, имаат авансна исплата на субвенциите. Дополнителна поддршка добиваат оние земјоделци што ќе се насочат кон производство на стратешките култури, со користење сертифицирано семе и производот ќе го предадат кај регистрирани капацитети или земјоделски задруги. Дополнителна поддршка е предвидено и за земјоделците што од своето производство создаваат финален производ за продажба.
Но, како што велат и самите земјоделци, тие не се во можност сами да ги продаваат земјоделските производи, туку соработуваат со трговците што доаѓаат и им ги собираат од нива.
– Ние не можеме да трчаме и по нивите и да продаваме земјоделски производи, затоа се договараме со трговците. Има неколку поголеми што доаѓаат и собираат секаков зеленчук, а тие имаат и ладилници, ние немаме – објаснуваат за „Слободен печат“ земјоделци од Струмичко.
Претседателот на Агросојуз од Струмица Ристо Велков често прави пресметки и вели дека „кајмакот на земјоделците им го јадат трговците“.
– Додека стигне овошјето и зеленчукот до пазарите, цената неретко станува и двојно поголема – вели Велков.
Виктор Петков, претседател на Групацијата за конзервна индустрија при Стопанската комора, вели дека „основните индикатори за преработувачката сезона не се идеални, но многу важно е каква ќе биде побарувачката од странство“.
– Ние сме поврзани со побарувачката во Унгарија, Полска, Русија… Ако се јави „дупка“ кај нив, многу лесно може да ни ја земат суровината за нашата преработувачка индустрија. Ние немаме заштитни механизми, за разлика од Австрија, или други земји што ги имаат за домашната индустрија. Да, имаме договорно производство, но тоа е условено. Ако не функционира правосудниот систем, производителите со кои имаме договорно производство може лесно да се извлечат дека била суша, дека немале доволен род – изјави за „Слободен печат“ Петков.