Државата отсега ќе пресметува колку пари треба да потроши трочлено семејство за да ги покрие основните потреби. Пресметката ќе се вика „просечна потрошувачка кошничка“. Што точно содржи засега не се знае, но се знае што нема да влезе во математиката. Место во кошницата ќе нема за цигарите, алкохолот, вонсезонското овошје и одмор во странство. Тоа, според заменик министерот за економија е луксуз.
-Сигурно нема да се користи во пресметките акцизна стока како што се алкохол, цигари, летување во странство и така натаму, бидејќи тоа го сметаме за луксуз. Или пак, овошја коишто не се карактеристични за одредена сезона во годината. Сето ќе биде врз база на релевантни податоци од цените од релевантни производи коишто се користат сезонски, меѓутоа и податоци земени од повеќе маркети. Ниту ни служи за креирање на јавно мислење, ниту за политика, туку за нас да ни даде насока како во иднина ќе ги спроведуваме сите економски политики во заштита на стандардот на граѓаните на Република Македонија – изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд. Кошничката ќе биде разгледана на економско-социјалниот совет и таму треба да добие зелено светло од синдикатите и работодавачите.