Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за алармантната ситуација што се одвива во Општина Чаир, каде според Градот Скопје, само во последните две години се изградени над 150 бесправни објекти, претворајќи една од најгусто населените урбани зони во Европа во неподносливо и опасно место за живеење на над 62 илјади граѓани, велат од партијата. Оттаму додаваат дека објавените снимки од градоначалничката на Скопје, кои прикажуваат градби покрај училишта, приватни куќи и тесни улички во старите маала, се потресен доказ за еден хаос кој е или поддржан или толериран од институциите.
„Денешниот Чаир изгледа како мозаик од случајни градби – без план, без логика, и пред сè, без никаква грижа за јавната безбедност. Отворање темели без заштита, високи згради кои го блокираат светлото на еднокатните куќи, објекти до училишни дворови што го загрозуваат животот на децата, ова е сликата на реалноста што бара итен одговор. Државните институции не реагираат. Нема сигнал од инспекциските служби, ниту интервенција од надлежните структури задолжени за надзор на законитоста. Оваа неактивност е неприфатлива и претставува директен неуспех на системот да го заштити јавниот интерес и урбаниот ред“ наведуваат од ДУИ. Нереагирањето, според ДУИ, стана дел од проблемот. Од партијата бараат надлежните институции веднаш да преземат мерки за да ја истражат и сопрат оваа, како што ја нарекуваат, опасна појава.
„Државниот молк не смее да биде штит за оние што систематски го уништуваат единствениот животен простор на жителите на оваа општина. Ова повеќе не е само урбанистички проблем, ова е криза на јавната безбедност и на граѓанското достоинство. ДУИ цврсто стои на страната на жителите на Чаир и бара враќање на законитоста, институционалната одговорност и почитувањето на секојдневниот живот на луѓето кои заслужуваат да живеат во безбедна и достоинствена средина“, порачаа од ДУИ. Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска минатата недела се вклучи во живо на нејзиниот фејсбук-профил од локација во близина на „Пластичарска“, за која во неколку наврати било пријавувано до надлежните дека е дивоградба и дека ги нема потребните дозволи и одобренија за градба, но оттаму немало никаква реакција. Таа ги побара министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу да одговорат зошто нема реакција и екипи на терен да ја утврдат законитоста на градбата на овој објект, кој се гради веднаш до главната улица.
Арсовска вчера најави дека од денеска ќе започне со објавување на серија криминали за кои како што напиша, останатите институции не постапувале.