ДУИ го осудува апсењето на косовскиот државјанин Емин Бајрами на 14 февруари на граничниот премин Блаце – Елез Хан, врз основа на потерница издадена од Србија преку Интерпол. Како што соопштија од МВР, приведениот имал меѓународна потерница, но ДУИ оваа акција ја нарекува загрижувачка, бидејќи покажува дека граѓаните на Косово се чувствуваат несигурни секогаш кога патуваат во Северна Македонија. Од ДУИ велат дека албанските претставници во актуелната власт покажуваат недостиг на влијание и се немоќни пред овие случаи.
„ Оваа опасна ситуација ги погодува не само Албанците од Северна Македонија, туку и граѓаните на Косово, кои се соочуваат со несигурност и неправда секогаш кога патуваат во нашата земја. ДУИ беше и останува цврсто на својот став дека налозите за апсење издадени од Србија преку Интерпол не треба слепо да се спроведуваат од северномакедонските институции. За време на нашето владеење со легитимно албанско претставување, спречивме вакви случаи и гарантиравме заштита на правата на косовските граѓани“, се вели меѓудругото во соопштението на ДУИ.