Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) обвини оти власта го користи прашањето за промена на државниот грб единствено за да го одвлече вниманието од, како што велат, своите неуспеси. Наместо да се фокусира на вистински политики за подобрување на животот на луѓето, додаваат од ДУИ, Владата се занимава со безвредни теми и намерни дебати како онаа за промена на државниот грб. „Владата сè подлабоко ја турка земјата во изолација. Интеграцијата во ЕУ е блокирана, а Владата нема никаква стратегија за да го деблокира овој процес. Додека земјите од регионот напредуваат, нашите граѓани се принудени да се соочуваат со економска неизвесност и недостаток на перспектива.
Во владините канцеларии продолжуваат луксузот и незаинтересираноста, додека граѓаните веќе не можат да ги платат ни сметките за следниот месец. Оваа Влада одбра да владее со пропаганда, а не со дела, оставајќи ја земјата во длабока криза и манипулирајќи го јавното мислење со неважни теми“, додаваат од ДУИ. Промената на државниот грб деновиве е во фокусот на јавноста откако премиерот Христијан Мицкоски минатата недела потврди дека партиите од владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ го отвориле прашањето за промена на грбот со оглед на тоа што, како што рече, земјава е една од двете постсоцијалистички држави кои сè уште го имаат стариот државен грб, со некои мали модификации. Мицкоски потсети дека идејата за менување на државниот грб потекнува од 2014 година кога владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ предводена од Никола Груевски, излезе со таков предлог.