Вчерашната фотографија на Јавниот обвинител Коцевски и министерот за внатрешни работи Тошковски, како потпишуваат меморандум за соработка во борбата против корупцијата, беше горчлива иронија за правдата и симбол на заробена држава, велат од ДУИ. Оттаму велат дека наместо тоа ракување, таа сцена требаше да биде истражна постапка во која министерот за внатрешни работи дава отчет за неговата улога во трагедијата во Кочани.
„Повеќе од една година, ноќен клуб функционирал без лиценца, со целосно знаење на командниот синџир на локалната полиција. И покрај внатрешните предупредувања за сериозни прекршувања – вклучително и присуство на малолетници, употреба на дрога и пиротехника – не беше преземено ништо. Таа негрижа доведе до трагична загуба на над 60 животи и повредување на над 200 лица“, велат од ДУИ и додаваат:
„ Наместо да покаже чувствителност и да преземе одговорност, министерот Тошковски продолжува да ја избегнува секоја морална или правна одговорност. Ова однесување го зацврстува впечатокот за заробена држава, каде што правдата е селективна и политички контролирана. Партијата го повика обвинителството да постапува независно и со интегритет, без одлагање и без политички влијанија, и да ги истражи сите кои потфрлиле во својата должност да ги заштитат граѓаните“.