Премиерот Мицкоски, со своето однесување, изјави и постапки, дејствува на начин што го загрозува стандардот и одговорноста што ги бара еден лидер на држава. Однесување што можеби може да му се прости на раководител на политичка партија, но никогаш на премиер на мултиетничка држава, соопшти ДУИ. Од партијата го обвинуваат премиерот дека ги урива меѓуетничките односи, довербата меѓу граѓаните и чувството на заедничка припадност, кои, како што велат, биле изградени со труд и посветеност низ годините. Со удирањето по главните столбови на Охридскиот мировен договор – јазикот, балансерот, правичната застапеност и легитимитетот, според ДУИ, Мицкоски го загрозува унитарниот и интегрален карактер на државата.
„Затоа денес сериозно прашуваме: Ако имате намера да го урнете Охридскиот договор – која е алтернативата?
Затоа што во политиката нема вакуум. Ако толку силно се ангажирате против договорот што донесе мир, интеграција, децентрализација и обединета држава, тогаш треба отворено да покажете што нудите наместо тоа. Доколку има намерна промена на државниот курс, тогаш е време за отворена и искрена дебата за тоа која е алтернативата на МО. Затоа што не можеме бесконечно да ја носиме одговорноста за неговата неодговорност на наши рамена“ порачуваат од партијата.