Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за неодамнешните унапредувања во Министерството за образование, каде седум лица се унапредени на високи позиции, од кои пет државни советници. Од партијата велат дека сите по потекло се Македонци, а ниту еден Албанец, што според ДУИ е демонстрирање на јасен тренд на етничка исклученост од структурата на одлучување. -Ова соопштение нема за цел да ја критикува министерката за образование, туку јавно да го извести албанскиот заменик-министер од коалицијата ВЛЕН, кој, според нашите информации, не бил ни информиран за овие одлуки, а уште помалку имал влијание да ги спречи. Фактот дека албанскиот претставник се држи во мрак и без улога во еден од најважните државни ресори е јасен показател дека албанското учество во владеењето се сведува на формална фасада, велат од ДУИ.
Ваквиот развој на настаните не е ниту случаен ниту неочекуван, додаваат од партијата на Али Ахмети, туку е дел од логиката прокламирана преку кампањата „Македонија повторно твоја“ и укинувањето на балансерот кој гарантираше меѓуетничка еднаквост – филозофија која, како што велат од ДУИ, сега се спроведува преку тивко исклучување на Албанците од стратешките позиции во администрацијата. -Во овој контекст, критиките кон ВМРО-ДПМНЕ се залудни, бидејќи таа постапува токму според најавениот план. Прашањето што се поставува е едноставно: какво е значењето на албанскиот партнер во Владата кога нивните претставници ниту се информирани, ниту слушнати, прашаа од партијата од Мала Речица.