Ако се иземе актуелната ситуација каде бројни пријателски држави прифатија лекување на повредените (најбројни во Србија и Бугарија) треба да се напомене дека искуството покажало дека лекување на еден пациент со екстензивни изгореници во европска држава би го чинело Фондот минимум 150-250 илјади евра, а бидејќи сме социјална држава, секој пациент за чие лекување нема услови во македонското здравство има право да се лекува во друга држава на товар на Фондот.
Па, се поставува прашањето дали државата ќе ја чини помалку да формира современ Центар за изгореници или да испраќа пациенти на повеќе – месечно лекување надвор?
Од ова сето изнесено се заклучува дека не се во ред паушалните изјави дека во државава се лекуваат само два пациенти со тешки изгореници на годишно ниво (очигледно информацијата е добиена од погрешен извор). И да нагласам, не се обвинуваат властите што немаме Центар за изгореници, на истите им се честита за огромниот напор да се згрижат тешките пациенти во државава и во други центри и држави, тоа е одличен потег, но се актуелизира проблемот дека ние мора да формираме современ Центар за изгореници кој би требало да има минимум 50 легла.
Имаме неискористени капацитети кои може да се пренаменат, имаме врвни активни пластични хирурзи, детски хирурзи, трауматолози, врви анестезиолози и реаниматолози и други специјалности, одличен и искусен медицински персонал. Останува да помине овој шокантен период, да заврши со добро лекувањето на сите пациенти независно дали се лекуваат во Македонија или во други држави, па да се седне со ладна глава и да се направи стратегија за формирање на современ Центар за изгореници кој би бил од огромно значење за пациентите, здравствените работници и државата не само од здравствен туку и од стратешки аспект. Да посакаме успешно лекување на сите пациенти кои се лекуваат во Македонија и во странство. Поддршка за сите здравствени работници.
View this post on Instagram