Гестациски дијабетес или дијабетес во бременост е поим што полека станува доста познат во широката популација, но сѐ уште не се сфаќа доволно сериозно во нашата земја. По дефиниција – гестациски дијабетес е термин што означува дијабетес што првпат е утврден кај жената во текот на бременоста. Д-р Надица Божиновска-Димова, специјалист по ендокринологија, вели дека како и другите видови дијабетес, така и гестацискиот дијабетес може да доведе до високи вредности на шеќерот во крвта и со тоа да влијае врз здравјето и на мајката и на бебето.
„Гестацискиот дијабетес, заедно со тип 1 и тип 2 дијабетес мелитус, е една од најчесто застапените форми на дијабетес во светот. Според последните статистички податоци на глобално ниво, 1 од 6 бремени жени имала гестациски дијабетес. Оваа голема застапеност, пред сѐ, се должи на животните навики и начинот на кој функционира општеството во 21 век“, вели д-р Надица Божиновска-Димова. Во ризична категорија за развој на дијабетес во бременост спаѓаат сите бремени жени што исполнуваат некои од следниве услови:
• зголемена телесна тежина пред зачнувањето и/или во текот на бременоста,
• претходна историја на гестациски дијабетес или преддијабетес,
• медицинска историја на полицистичен оваријален синдром,
• претходно раѓале дечиња потешки од 4.1 кг
• постоење на член на најблиското семејство со тип 2 дијабетес мелитус.
Иако бременоста сама по себе е авантура со безброј препреки и секоја компликација е повеќе од загрижувачка за идната мајка, во однос на гестацискиот дијабетес д-р Божиновска-Димова вели дека има и добри вести.
„Голем дел од бремените жени може да го контролираат гестацискиот дијабетес со здрава храна, физичка активност и во некои случаи со помош на фармаколошка терапија. Контролата на крвниот шеќер ќе придонесе за здравјето на вашето бебе, како и за правилниот тек на самата бременост и породувањето. Многу е важно да знаете дека најчесто не постојат карактеристични симптоми и тегоби, па поради тоа се препорачува сите трудници да направат скрининг во 24. до 28. гестациска недела. Ова особено важи за оние што спаѓаат во ризичните категории, но кај овие жени, во зависност од проценката на ризикот, тестот може да се направи и во 16. гестациска недела“, објаснува д-р Божиновска-Димова.
Како кај сите форми на дијабетес, така и кај гестацискиот, можни се повеќе компликации и за бебето и за мајката. Потенцијалните можни компликации за бебето се: зголемена телесна тежина, предвремено породување, тешкотии со дишење кај новороденото, а во ретки случаи при неконтролирани форми на дијабетес, може да дојде до смрт на новороденото.
„При нерегулиран гестациски дијабетес, кај мајката може да дојде до нагло паѓање на шеќерот при породување – хипогликемија, висок крвен притисок и прееклампсија во текот на бременоста или потреба од царски рез. Она што е многу важно е да се нагласи дека во денешно време компликациите се навистина ретки, а статистички најголемиот ризик е жените што имале гестациски дијабетес, подоцна во текот на животот, да развијат тип 2 дијабетес. Оттука доаѓа и потребата за редовен скрининг, со цел да воспоставиме долгорочна превенција за жената“, вели д-р Божиновска-Димова.
Дијагнозата се поставува лесно, односно во 24. до 28. гестациска недела се прави ОГТТ или уште познат кај народот, тест за скриен шеќер. Врз основа на резултатите од тестот се утврдува дали трудницата има дијабетес или не. Третманот се состои од промена на дотогашниот начин на живот, редовно мониторирање на вредностите на шеќерот во крвта, а во некои случаи мора да се даде и фармаколошка терапија.
Доброто менаџирање на гестацискиот дијабетес значи избегнување на компликации во текот на бременоста и при породувањето.
ШТО ТРЕБА ДА НАПРАВАТ БРЕМЕНИТЕ ЖЕНИ ЗА ДА ГО ПРЕВЕНИРААТ ГЕСТАЦИСКИОТ ДИЈАБЕТЕС?
Не постојат гаранции во однос на превенцијата на гестацискиот дијабетес, но се препорачуваат здрави животни навики уште пред зачнувањето. Тоа значи консумирање здрава храна, умерена физичка активност и зачнување бременост со здрава телесна тежина.
„Во текот на бременоста трудниците треба да се обидат да ги задржат овие навики, да се обидат да не додадат премногу во телесна тежина, редовно да пешачат и да пијат доволни количини вода. Сето тоа секако треба да биде во координација и со нивниот гинеколог, кој редовно треба да ги мониторира растот и развојот на бебето, односно текот на бременоста“, вели д-р Божиновска-Димова.
Голем дел од овие информации се веќе познати за пошироката јавност. Она што е важно да се запомни е дека жените со гестациски дијабетес имаат, пред сѐ, ризик за понатаму да развијат тип 2 дијабетес! Иако звучи далечно и тешко остварливо, дијабетесот не е за потценување во никој случај и во никоја форма. Од овие причини, кај сите жени со гестациски дијабетес се препорачува 6 до 12 недели по породувањето повторно да направат евалуација на гликемискиот статус. Доколку сѐ е уредно понатаму, на годишно ниво повторно се прави контрола на крвниот шеќер. Идни мајки, бременоста е одлика на вашата храбост, бидете подготвени за сите авантури што ги носи таа, но не заборавајте дека вашето здравје како мајка и жена е многу важно и по породувањето.