Еврокомесарката за проширување и соседска политика Марта Кос ќе ја посети Албанија на 13 март. Ова е прва нејзина посета на Тирана, каде што ќе оствари средби со највисоките државни претставници. Според агендата, најпрво таа ќе има средба со шефот на државата Бајрам Бегај, а потоа со премиерот Еди Рама, со кого ќе одржат и заедничка прес-конференција. Ќе присуствува и на конференцијата за проширување на Европската унија што ќе се одржи на Европскиот колеџ, објави АТА. Кос ќе се сретне и со претседателката на Парламентот Елиса Спиропали и со заменик-претседателот на Собранието Агрон Ѓекмаркај, заедно со претседателката на Советот за интеграција Јорида Табаку и координаторот на пратеничката група на Демократската партија, Газмент Барди. Еврокомесарката ја најави посетата во јануари за време на говорот во Европскиот парламент каде рече дека се очекува Албанија да ги заврши преговорите до 2027 година.
„Ќе ги поддржиме овие земји, но потребна е многу работа“, рече таа. Кос вчера на форумот на Европската инвестициска банка изјави дека „проширувањето не е услуга за земјите кандидати во ЕУ, туку инвестиција во нашиот мир, слобода, просперитет и безбедност”.
„Секоја реформа е чекор кон посилна економија, поправедно општество и иднина во Европската унија. Со поддршката и гаранциите на ЕУ, таа иднина не мора да чека: можностите за инвестирање и напредокот можат да започнат сега“, рече Кос.