Европа, потресена од неодамнешната изјава на Доналд Трамп до украинскиот претседател Володимир Зеленски, се соочува со реалноста повеќе да не може да се потпира на САД како гарант за својата безбедност. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет дополнително ги зголеми тензиите нарекувајќи ја Европа „патетична“ поради тоа што се потпира на американската воена заштита.
Овој шок предизвика бран на радикални политички и воени промени низ целиот континент. Најголемата промена се случи во Германија. Новата влада на чело со канцеларот Фридрих Мерц ја укина уставната граница за задолжување, таканаречената „должничка кочница“, која отвора можност за инвестирање дури 600 милијарди евра во одбраната во следната деценија. Аналитичарите ова го сметаат за вистинска пресвртница за земјата што всушност поранешниот канцелар Шолц ја најави во 2022 година по почетокот на руската инвазија на Украина, но дури сега е проследена со конкретни дејствија.
Во меѓувреме Франција, под претседателот Емануел Макрон, размислува за проширување на нуклеарната заштита на другите европски сојузници, поддржани од Полска и балтичките земји. Макрон со години се залага за европска стратешка автономија, а сега идеите за сопствениот нуклеарен штит стануваат посериозни. Полска и балтичките држави се повлекоа од „Отава конвенцијата“ за забрана на мини, а Литванија исто така ја напушти Конвенцијата за касетна муниција. Овие земји интензивно се вооружуваат со оглед на нивната непосредна близина до Русија. Паралелно на ова Литванија веќе купува 85.000 мини, додека Полска планира домашно производство од еден милион мини.
Во исто време, воената служба се враќа во мода. Данска воведува задолжителен воен рок за жените и ги намалува здравствените стандарди за регрутите, а Полска планира обука за сите возрасни мажи. Дури и традиционално неутралните земји, како што е Ирска, ја преиспитуваат својата воена политика. Ирската влада предложи легислатива со која ќе се овозможи војската да биде испратена во мисии без одобрение од ОН, со што ќе се избегне можна руска или американска блокада.
Европа во овој момент не размислува само со кого ќе се бори, туку и кој ќе го снабдува оружјето. Одредени земји, како Португалија, повторно размислуваат за купување на американски авиони Ф-35 поради нивната зависност од американскиот синџир на снабдување и сè повеќе размислуваат за европските алтернативи. Сепак, сè уште недостасува единство во пристапот. Планот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, наречен „Подготвеност на Европа 2030“ наиде на отпор од Шпанија и Италија, наведува Нова.рс.