Група европски држави тивко работи на план да испрати војници во Украина, да помогнат да се создаде иден мировен договор со Русија, а напорите ги предводат Обединетото Кралство и Франција, објави Еуроњуз. Деталите за планот остануваат оскудни. Земјите што разговараат на оваа тема не сакаат да информираат за ова и да му дадат на рускиот претседател Владимир Путин причина да се премисли во намерата да преговара за крај на војната што ја почна пред 3 години.
-Нема да навлегувам во подробните способности, но прифаќам дека ако има мир, тогаш треба да има и некаква безбедносна гаранција за Украина и Обединетото Кралство ќе ја одигра својата улога во тоа, изјави премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер. Европските лидери почнаа да испитуваат каков вид на сила би била потребна, пред 1 година. Но, чувството за итност порасна поради страв дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да ги претрка и нив и Украина и да си направи договор со Путин. Зеленски на конференцијата за безбедност во Минхен неделава повторуваше дека ако Украина не може да влезе во НАТО, ќе мора да изгради уште едно НАТО во Украина.
Во декември, откако Трамп беше веќе избран за претседател на САД, група на лидери и министри се сретнаа со генералниот секретар на НАТО Марк Руте во Брисел во неговата резиденција. Дојдоа од Британија, Данска, Франција, Германија, Италија, Холандија и Полска, Топ-ЕУ политичари исто така присуствуваа на состанокот. Разговорите беа изградени на идејата промовирана од францускиот претседател Емануел Макрон во почетокот на 2024 година. Во тоа време, неговото одбивање да отфрли дека ќе се пратат трупи на украинска почва, наиде на несогласување од лидерите на Германија и Полска. Макрон тогаш беше изолиран на европската сцена, но неговиот план добива тракција. Сепак, какви би биле трупите, и кој би ги испраќал, зависи од условите во мировниот договор. Италија има уставни пречки да испраќа трупи. Холандија би морала да добие одобрение од својот Парламент исто како и Германија чија позиција може да се промени после изборите на 23 февруари и новата влада. Полска е внимателна, со оглед на анимозитетот со Украина кој датира од Втората светска војна.
-Во многу рана фаза сме, рече министерот за одбрана на Естонија Хано Певкур, на маргините на минхенската безбедносна конференција. Иако различни гласини и дискусии продолжуваат, Певкур рече дека е критично за европските сојузници да разберат како ќе изгледа контактната линија со Украина, пред да развијат план. Ако Русија и Украина ги намалат нивните сили на фронтот на неколку илјади на двете страни, тогаш не е проблем и Европа да биде таму, вели Певкур, но потенцира дека ќе биде многу потешко ако конфликтот е разгорен. Формата и улогата на овие сили би била диктирана од мировниот договор што ќе се постигне, како и големината и локацијата на европскиот контингент. Зеленски инсистира на 100 до 150 илјади војници. Дипломатите не потврдуваат бројка на војниците кои се планира да бидат испратени.