Комисијата, која ги договара трговските односи во име на 27-члениот блок, изјави дека ЕУ има некои од најниските царини во светот и не гледа никаква оправданост за зголемени царини од страна на САД за нејзиниот извоз. Извршниот орган на Европската унија во петокот вети дека ќе преземе „цврсти и непосредни мерки“ против воведувањето на царини за челик и алуминиум од страна на претседателот на САД Доналд Трамп, пренесува Асошиејтед Прес. Европската комисија изјави дека предложената „реципрочна“ трговска политика на Трамп оди „во погрешна насока“. „ЕУ ќе преземе цврсти и непосредни мерки против неоправданите бариери за слободната и праведна трговија, вклучително и кога царините се користат за оспорување на легитимни и недискриминаторски политики“, соопшти Комисијата. „ЕУ секогаш ќе ги заштитува европските бизниси, работници и потрошувачи од неоправдани царински мерки.“
Комисијата, која ги договара трговските односи во име на 27-члениот блок, изјави дека ЕУ има некои од најниските царини во светот и не гледа никаква оправданост за зголемени царини од страна на САД за нејзиниот извоз. „Царините се даноци. Со воведување царини, САД ги оданочуваат сопствените граѓани, ги зголемуваат трошоците за бизнисите, го задушуваат растот и ја поттикнуваат инфлацијата“, се вели во соопштението. „Царините ја зголемуваат економската неизвесност и ја нарушуваат ефикасноста и интеграцијата на глобалните пазари.“ Сè уште не е јасно кои контрамерки би се примениле. Трамп воведе слични царини за европскиот челик и алуминиум за време на неговиот прв мандат, што ги разгневи европските и другите сојузници. ЕУ тогаш возврати со зголемување на царините за американски производи како мотори, бурбон, путер од кикирики и фармерки, меѓу другите артикли. ЕУ проценува дека годишниот обем на трговија меѓу двете страни изнесува околу 1,5 трилиони долари, што претставува околу 30% од глобалната трговија. Додека блокот има значителен суфицит во трговијата со стоки, тврди дека тоа делумно се компензира со суфицитот на САД во трговијата со услуги. ЕУ наведува дека трговијата со стоки достигнала 851 милијарда евра (878 милијарди долари) во 2023 година, со трговски суфицит од 156 милијарди евра (161 милијарда долари) за ЕУ. Трговијата со услуги изнесувала 688 милијарди евра (710 милијарди долари), при што ЕУ имала трговски дефицит од 104 милијарди евра (107 милијарди долари). Извор: Новинска агенција МЕТА