Процесот на интеграција во ЕУ, кој Македонија го следи со години, е обременет со контроверзии, неспроведени ветувања и со политички маневри кои изгледа дека немаат крај. Но, Владата на Република Македонија не смее да попушти под овие притисоци. Интеграцијата во ЕУ треба да биде заснована на реални вредности, на принципи и на праведност, а не на политички игри кои постојано ќе ги оспоруваат јазикот, идентитетот, историјата како и други наши препознатливости и обележја. Од Јове Кекеновски
Република Македонија е на врвот на европската интеграција, но ,,реалноста’’ која се крие зад затворените врати на европските институции е далеку од прифатлива. Стратешката цел на земјата, полноправно членство во ЕУ, е спречена од нејасни инстант правила, двојни стандарди и од постојани политички игри кои ја оставаат Македонија во постојан замрзнат процес, полн со уцени и со барања кои се политички мотивирани, наместо засновани на принципи за вистинска интеграција. Токму оваа комплексност е причината што Владата на Република Македонија мора да остане доследна на својот пат и да ги постави прашањата кои не само што се важни за иднината на нашата земја, туку и за европскиот концепт за праведност и соработка. Како и многу пати досега, актуелната позиција на Брисел, предводена од Урсула Фон Дер Лајен, Антонио Кошта, Каја Калас и нивните колеги, уште еднаш јавно демонстрираа како и колку манипулативно се води процесот на проширување на ЕУ.
Двојните стандарди на ЕУ и на Бугарија?
Бугарското вето врз Македонија е само врвот на заледениот брег. Иако Македонија ги исполни сите услови, сепак сè уште сме заглавени во „технички“ проблеми кои изгледа дека никогаш нема да се решат. Спорот со Бугарија продолжува да биде главна пречка, иако Бугарија веќе години наназад ги користи евроинтеграциите како политичко средство за манипулација. Тоа што многумина од европските дипломати не сакаат да го кажат гласно, но што е очигледно за нас, е дека процесот на интеграција за Македонија не само што е обременет од страна на ЕУ, туку и подложен на двојни стандарди. Досега ниту една земја-членка на ЕУ во минатото не беше подложена на вакви барања за тешки национални отстапки и прифаќање етнички и историски условувања, кои според многумина се поразителни за демократијата и идентитетот на Македонија.
Дополнително, останува неразјаснето зошто Европската Унија молчи кога станува збор за непочитувањето на основните човекови права на македонското малцинство во Бугарија и покрај тоа што Европскиот суд за човекови права има донесено повеќе од петнаесеттина пресуди во корист на Македонците во Бугарија. Дали европските принципи важат само за некои земји-членки на ЕУ? Зошто Брисел јавно не изрече санкции кон Софија за непочитување на темелните вредности на ЕУ? Треба ли да ја потсетувам ЕУ на Член 2 од Договорот за Европската Унија кој гласи: „Унијата се темели на вредностите на почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и на почитувањето на човековите права, вклучувајќи ги правата на лицата кои припаѓаат на малцинства. Овие вредности се заеднички за земјите-членки во едно општество кое се карактеризира со плурализам, недискриминација, толеранција, правда, солидарност и со еднаквост меѓу жените и мажите“.
Исто така, Член 21 од Повелбата за основни права на Европската Унија: „Секоја дискриминација заснована, особено, врз основа на пол, раса, боја на кожа, етничко или социјално потекло, генетски карактеристики, јазик, религија или верување, политичко или друго мислење, припадност на национално малцинство, имот, раѓање, попреченост, возраст или сексуална ориентација, е забранета.“ Овие посочени правни норми јасно забрануваат политика што е заснована на шовинизам, дискриминација по етничка или национална основа, или негирање на права на национални малцинства, како што често се случува во политиките кон македонското малцинство во Република Бугарија. И покрај инсистирањето на Бугарија за вметнување на билатерални историски и идентитетски прашања во европскиот преговарачки процес, сакам јавно да ги потсетам, но пред сѐ јавно да прашам дали овие сегашни ,,европски ,политички првенци и учењаци’’, пред да поддржуваат и промовираат уцена, осознале дека Европска Унија (со која тие раководат) има јасно дефинирана позиција по однос на билатералните спорови. Во Стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан од 6 февруари 2018 година („A credible enlargement perspective for and enhanced EU engagement with the Western Balkans“), изрично е наведено дека „билатералните спорови мора да се решаваат на конструктивен начин, со полно почитување на меѓународното право, и не смеат да ја блокираат европската перспектива на земјите кандидатки“. Дополнително, во Заклучоците на Советот на Европската Унија од 18 јуни 2019 година, јасно се посочува дека „билатералните прашања не треба да се користат како услов во процесот на проширување“. Се работи за формулација која е дел од официјалната политика на ЕУ за проширување, особено во контекст на Западен Балкан и истата е повторена и во Резолуциите на Европскиот парламент за Македонија и за Албанија и Годишните извештаи за напредок на Европската комисија.
Овие ставови ја отсликуваат зацртаната принципиелна политика на ЕУ дека проширувањето треба да се темели врз јасни критериуми, владеење на правото и врз демократски реформи, а не врз уцени и историски интерпретации на земји-членки. Инсистирањето на Бугарија за вклучување на билатерални прашања, како услов за отворање на преговори со Македонија, директно ја поткопува оваа европска рамка и ги нарушува темелите на праведност и еднаков третман во процесот на проширување. На сето ова не смееме да ја премолчиме и штетната улога на поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, и на коалицијата СДСМ–ДУИ, кои во текот на преговорите со Бугарија потпишаа и прифатија акти што сериозно ја поткопаа македонската позиција. Наместо заштита на националните интереси, видовме отстапки и потпишани документи кои денес се користат против Македонија.
Во текот на вчерашниот ден, зборувајќи за македонската позиција, премиерот Мицкоски посочи дека Владата е подготвена да седне на маса со Софија, со посредство на ЕУ, и да разгледа нови механизми за деблокада на преговорите. Секако, ова не треба да значи дека Македонија треба да се покори на наметнатите бугарски услови и уцени. Во целата оваа ситуација, важно е да се нагласи дека Македонија, во моментите на најголем притисок, не губи од својата цврстина и одлучност да ги зачува своите национални и државни интереси.
Иако ЕУ тврди дека Македонија „напредува“, реалноста е дека систематски се поткопуваат правата и идентитетот на државата. Принципите на правото и демократијата, кои ЕУ ги пропагира како основни вредности, се претвораат во празни зборови кога се соочуваат со реалноста на билатералните спорови. Уставните измени, кои Брисел ги бара, сѐ повеќе изгледаат како трговија за задоволување на шовинистичките политики и каприци на Бугарија, отколку како искрени барања за одблокирање на процесот на интеграција.
ЕУ и “план А”: Симулирани надежи или пат за вистинска интеграција?
Високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, во своите изјави на вчерашната прес-конференција во Скопје потврди дека Европската Унија се уште се надева на успех на „планот А“, но нагласи дека ако тоа не успее, ќе се премине на „планот Б“. Сепак, македонската јавност не може, а да не се запраша: дали ова навистина е сериозна намера за решавање на проблемите или само уште еден дипломатски маневар, кој Македонија го чека со години? За Македонија, „планот А“ треба да биде само еден, а тоа е потполно интегрирање во ЕУ без услови и уцени кои немаат политичко или правно оправдување. Во спротивно, Македонија ќе остане заглавена во бесконечни преговори кои, иако се претставуваат како чекори напред, всушност се само продолженија на веќе видените стари политички игри на Европската Унија во интерес на Бугарија.
Време е за принципи, не за уцени
Процесот на интеграција во ЕУ, кој Македонија го следи со години, е обременет со контроверзии, неспроведени ветувања и со политички маневри кои изгледа дека немаат крај. Но, Владата на Република Македонија не смее да попушти под овие притисоци. Интеграцијата во ЕУ треба да биде заснована на реални вредности, на принципи и на праведност, а не на политички игри кои постојано ќе ги оспоруваат јазикот, идентитетот, историјата како и други наши препознатливости и обележја. Македонија, исто како и сите други земји во регионот, заслужува фер и транспарентен процес на интеграција без дополнителни услови и уцени. Ниту една држава во светот, во ниту еден процес на интеграција, нема направено толку многу отстапки на сопствена штета. Време е за Европската Унија да сфати дека Македонија нема и не треба да прифати двојни стандарди и уцени. Македонија заслужува вистинска шанса за интеграција, која ќе биде заснована на взаемна почит и принципи, а не на политичка манипулација. Единственото решение е одржување силна, принципиелна позиција, која не дозволува да се тргува со националниот идентитет и интереси.
Јове Кекеновски