Според пратеникот на ДУИ, Костадиновски свесно ги прекршил Законот за употреба на јазиците и членот 101 и, како што рече, Законот за Уставниот суд (Овде Хасани најверојатно мисли на членот 101 од Актот на Уставниот суд на РСМ) бидејќи Закон за Уставен суд не постои во правниот поредок на државата).
Хасани нагласи дека оваа иницијатива не е со цел да се изврши притисок врз Уставниот суд, како што тоа било случај со претходните интерпелации кои, иако не ги спомена, од контекстот можеше да се препознае дека мисли на оние за петмината членови на Судскиот совет.
Овие интерпелации, како што рече, биле од политичка природа со намера да ги принудат функционерите да поднесат оставки, додека целта на иницијативата за интерпелација на претседателот на Уставниот суд е да покрене институционална дебата за функционирањето на оваа институција и улогата на нејзиниот претседател во почитување на Уставот и важечките закони.
„Како и да покажеме што г. Костадиновски има против албанскиот јазик и зошто ги има тие предрасуди кон албанскиот јазик“ рече Хасани.Образложувајќи ги причините за интерпелацијата, пратеникот на ДУИ спомена интервју на Костадиновски од август 2024 година, во која оценува дека Законот за употреба на јазиците предизвикал политички хаос, а наведе и дека претседателот на Уставен имал навредливи изјави за самиот Закон за употреба на јазиците.
„Во причините за интерпелацијата можеме да споменеме интервју дадено за новинската агенција МИА во август 2024 година каде што тој (Костадиновски) вели цитирам: ‘Со тој закон политиката создаде еден вид правен хаос што резултираше со политички хаос, недоверба и дилема. Факт е дека законот се спроведува и дека создава проблеми со неговата имплементација’. Оваа изјава покренува неколку прашања: Врз основа на кој член од Уставот или кокретен закон претседателот на Уставен суд смее да карактеризира закон како извор на политички и правен хаос и дали е во надлежност на претседател на Уставен суд да утврди проблеми во спроведување на законот и да предвиди законодавна интервенција. Ваквите изјави ги намалуваат рамките на надлежностите дефинирани со закон и покренува серија сомнежи за непристараноста на претседателот на Судот во случаи што сè уште се во фаза за разгледување“ рече Хасани.
Според него, навредлива била изјавата на Костадиновски, и кога одговарајќи на прашање на новинарот Фuркан Салиу зошто зад местото предвидено за претседателот на Уставен во конференциската сала на институцијата, Уставниот суд е напишан само на македонски јазик, тој рекол дека тоа се случува кога носиме лоши закони, како и дека Законот за употреба на јазиците не го опфаќа Уставниот суд.
„Оваа изјава претставува навредливо и изразување со предрасуди за Закон што е донесен од Собранието и е во сила и исто така ги прекршува одредбите од членот 101 од Законот за уставниот суд (Актот на Уставниот суд н.з.) со кој се забранува јавно изразување на ставови за случаи што се предмет на разгледување од страна на судот. Само да ве потсетам дека делот од Законот каде што таксативно е наведено дека Законот важи и за Уставниот суд е во во членот 2 став 3 од Законот за употреба на јазиците. Таму таксативно стои дека и Уставниот суд е вклучен во употребата на јазиците“ рече Хасани.
Според него, Костадиновски со ваквите наводи сторил два големи прекршоци, едниот кон Законот за употреба на јазиците, кој, како што рече Хасани, бил свесно напаравен и членот од, како што кажа, законот на Уставниот суд на РСМ.
„Судијата флагрантно, свесно, знаејќи ги фактите и знаејќи го законот за употреба на јазиците манипулира со јавноста за да создаде негативна слика за законот. Едноставно кажано лаже на очи и око не му трепнува“рече тој.
Како трета причина за иницијативата за интерпелација на Костадиновски, пратеникот го наведе тоа што претседателот на Уставниот суд во комуникацијата со Венецијанската комисија употребил дискриминаторска терминологија.
„Во барањето до Вененцијанската комисија Уставниот суд преку својот претседател го употреби зборот ‘малцинство’, кој реално не се појавува во нашиот Устав. Уставот признава само термин ‘немнозински заедници’ и секое отстапување од оваа терминологија претставува кршење на Уставот и законите. Ова однесување покажува селективен и пристрасен пристап кон правата на немнозинските етнички заедници во Република Македонија. Докажува една тенденција на релативизирање и намалување на правата за употреба на јазиците и докажува повреда на должноста за заштита на уставниот поредок и неговото објективно застапување пред меѓународните институции“ рече Хасани, додавајќи дека професионализмот на Костадиновски е доведен во прашање поради неговите, како што кажа, предрасуди кон албанскиот јазик.
Прашан кој е ефектот што го очекуваат од интереплацијата, имајќи предвид дека немаат 61 пратеник, Хасани рече дека тоа е истиот ефект од интерепелациите кои поминале со повеќе од 61 глас, алудирајќи на гласањето доверба за петтемина членови на Судскиот совет.
„Значи и тие интерепелации кои поминаа и оние кои што нема да поминат немаат правен ефект. Тој (Костадинвоски) не е повикан да го разрешиме. Ова не е институција која разрешува, интерпелацијата не е институт којшто разрешува, туку ние ќе го повикаме на политичка одговорност пред граѓаните. Да каже зошто толку аверзија кон Законот за употреба на јазиците. Фактот што очекуваме во скоро време тој Закон да биде предмет на негово одлучување сакаме да ги знаеме причините за неговата пристрасност. Го повикуваме да дојде на седница“ рече Хасани.
На 19 јуни требаше да се одржи подготвителна седница по предметот во врска со Законот за употреба на јазиците, но е одложена откако Управниот суд ја поништи одлуката на Собранието за изборот на Елизабета Дуковска за уставна судијка.