Секретаријатот за култура на Покраинската влада на Војводина, со кој претседава Маја Гојковиќ, одлучи годинава на јавни повици да ги казни оние кои на кој било начин го поддржале студентското и граѓанското востание, вклучително и фестивалот „Егзит“.Екипата на најголемиот домашен фестивал известува дека организацијата на „Егзит“ се соочува со големи предизвици. Додека се подготвува овогодинешното издание, кое ќе се одржи за нешто повеќе од еден месец, некои идни години се, барем во овој поглед, под знак прашалник, пишува телевизијата Н1.
„Покрај конкурсот на Секретаријатот за култура на Автономната покраина Војводина, на „Егзит“ му беше одбиено и кофинансирањето од Министерството за туризам и млади на Владата на Република Србија, кое е вклучено во буџетот усвоен од српскиот Парламент минатата година, поради неговата поддршка за студентите. Исто така, му беше одбиена децениска поддршка од комерцијални спонзори кои се во државна сопственост. Во слободно демократско општество, правото на слобода на мислење мора да им биде загарантирано на сите. Буџетските пари им припаѓаат на сите граѓани на Србија, а не на политичките партии на власт, и тие треба да служат во корист на општеството, а не да ги казнуваат „несоодветните“ организации“, информира тимот на „Егзит“.
И додека 25-годишнината од фестивалот сигурно ќе се одржи во Нови Сад оваа година, тимот на „Егзит“ најавува можни промени за следната година.
„Постои голема можност поради овие недемократски притисоци, фестивалот да се пресели во друга земја следната година, за што јавноста ќе биде информирана што е можно поскоро. Ве потсетуваме дека „Егзит“ досега ѝ донесе на Србија неколку титули европски шампион на фестивали, а донесе и над 300 милиони евра на српската туристичка индустрија. Средствата што фестивалот досега ги доби од буџетот претставуваа мал процент од повратот во однос на неговиот вкупен придонес, и во многу помал обем во споредба со износите што, на пример, ги добива филмската индустрија“, соопштуваат од тимот.