Египет и Катар, посредниците во преговорите за прекин на огнот и спогодбата за ослободување на заложниците меѓу Израел и Хамас, дадоа нов предлог кој вклучува повеќегодишен прекин на огнот, целосно израелско повлекување од Газа и размена на заложници за затвореници, објавија денеска британските медиуми, повикувајќи се на неименуван извор од палестинското раководство. Според Би-би-си, овој предлог вклучува прекин на огнот од пет до седум години, формален крај на војната, целосно повлекување на израелската армија (ИДФ) од Газа и ослободување на „сите израелски заложници во замена за палестинските затвореници во израелските затвори“, пишува „Тајмс оф Израел“.
Во извештајот не се наведува дали ќе бидат ослободени и преостанатите неизраелски заложници, еден Тајланѓанец и еден Непалец за кои се верува дека се живи, како и дали ќе бидат предадени телата на двајцата Тајланѓани и еден Танзаниец. Палестински извор вели дека Хамас изразил подготвеност да ја предаде контролата врз Појасот Газа на кој било палестински ентитет – на палестинската управа или на ново административно тело, пренесува Танјуг. Неименуван палестински функционер потврди за „Тајмс оф Израел“ дека напорите за посредување се сериозни и дека палестинската милитантна група покажала „флексибилност без преседан“. Британската телевизија објави дека Израел не го коментирал планот и дека висока делегација на Хамас ќе отпатува во Каиро на консултации.