Трамп е посветен на обновата на републиката и на спасот на нашата земја, а ние, како законодавци и како сојузни држави, мораме да направиме сѐ што е во нашата моќ за да го поддржиме, изјави конгресменот Оуглс, кој ја покрена иницијативата. На Доналд Трамп може да му биде потребен и трет претседателски мандат за да може да спроведе толку многу мерки за „да ја направи Америка повторно велика“. Токму тоа го побара Енди Оуглс, републикански конгресмен од Тенеси, кој покрана иницијатива за „привремена“ промена на Уставот, за да му се овозможи на Трамп да се кандидира за претседател и на изборите во 2028 година. Амандманот 22 од Уставот на САД ги ограничува претседателите на два мандати. Ако со двотретинско мнозинство во Претставничкиот дом и во Сенатот биде прифатен предлогот на Оуглс, дефиницијата „два мандата“ од Амандманот 22 би важела само ако мандатите се еден по друг. Во таков случај, Трамп би можел да се кандидира за реизбор. Исклучокот на Оуглс не би важел за претседатели што веќе отслужуле два мандати еден по друг, како што беа случаите на Бил Клинтон, Џорџ Буш или Барак Обама во поновата историја. Од друга страна, досегашниот претседател Џо Бајден би имал право на втор, па и на трет мандат веднаш потоа.
– Императив е да му ги овозможиме на претседателот Трамп сите потребни ресурси за да го поправи катастрофалниот курс поставен од администрацијата на Бајден. Трамп е посветен на обновата на републиката и на спасот на нашата земја, а ние, како законодавци и како сојузни држави, мораме да направиме сѐ што е во нашата моќ за да го поддржиме – изјави Оуглс.
Републиканецот од Тенеси е член на конгресниот одбор што ја предложи законската можност за претседателот да може да преговара за купување на Гренланд.
Оуглс, во исто време е соочен со истрага од Комитетот за етика во врска со прибирање средства за кампања. – Наместо да говори за измамничното финансирање на кампањата за кое е обвинет, тој би сакал да се фокусираме на тоа колку голем психопат е Трамп. Патетично. Гласачите од Тенеси заслужуваат подобро – изјави демократката Бека Балинт. Демократскиот конгресмен од Тенеси, Стив Коен, изјави за порталот „Аксиос“ дека „и вториот мандат (на Трамп) создава неиздржлив хаос“. Претседателот Френклин Рузвелт е единствениот претседател на САД што служел четири мандати, од 1933 година, па сѐ до својата смрт во 1945, но тогаш немало ограничувања. Никој друг пред него и по него не отслужил повеќе од два мандата, но тоа не значи дека немало обиди. Јулисис Грант ја изгубил трката за трет мандат во 1880 година, Теодор Рузвелт во 1912 година, а Вудро Вилсон не добил доверба од демократите да се кандидира за трет мандат во 1920 година. Хари Труман, кој го наследи Френклин Рузвелт во Белата куќа, исто така имал намера да се кандидира за трет мандат во 1952 година, но се повлекол по поразот на партиските избори во Њу Хемпшир. Труман бил граничниот случај, зашто во текот на неговото претседателство биле променети правилата. Амандманот 22 за ограничување на претседателските мандати бил изгласан во Конгресот во 1947 година, но стапил на сила дури во 1951 година, кога бил ратификуван од 36 од тогашните 48 сојузни држави. Во Амандманот 22 е дефинирано дека „на секој што бил избран два пати за претседател, забрането му е повторно да биде избран“. Членот ги ограничува потпретседателите што ја презеле претседателската функција да се кандидираат за претседател само уште еднаш. Првите обиди за промена на ова ограничување биле во 1956 година, а досега ги имало повеќе од 50. Само Хозе Серано, демократски конгресмен од Њујорк, поднесол девет резолуции во периодот од 1997 до 2013 година.
Новиот предлог на Оуглс не може да помине сѐ додека нема поддршка од двете главни партии и од мнозинството граѓани и сојузни држави. Под претпоставка сите републиканци да поддржат трет мандат на Трамп, постои само теоретска можност трет мандат да биде одобрен по парцијалните избори в година. Ако на изборите во ноември 2026 година републиканците освојат 290 места во Претставничкиот дом, а во трката за една третина од сенаторските места им ги преземат сите 13 мандати на демократите, ќе бидат точно на границата од двотретинско мнозинство.