Министерството за Спорт заокружи една година функционирање во интерес на спортистите. Министерот Борко Ристовски на прес-конференција говореше за сработеното и постигнатото и направи еден осврт но изминатите 365 дена работата.Ристовски истакна дека сите биле насочени кон подигнување на македонскиот спорт на повисоко ниво со фокус на изградба и реконструкција на спортската инфраструктура и воспоставување на стабилен систем во кој се вреднуваат резултатите.
„Идејата беше македонскиот спорт да добие институционална поддршка на највисоко ниво, да воспоставиме стабилен систем, јасни критериуми и цврста основа. Да вложуваме во спортот, да му дадеме стимул на врвниот спорт, но и да создадеме услови секое дете да може да спортува и да има пристап до спортски содржини. Ако кажам дека беше лесно, ќе ве излажам. Воопшто не беше ни лесно ни едноставно да се излезе од ќорсокакот во кој беше доведен македонскиот спорт во изминатите години, со свесна немарност, негрижа на системот и изместени вредности, сѐ со цел спортот од општествено добро да се претвори во средство за личен профит“, рече Ристовски.
Во изминатите дванаесет месеци, Министерството за спорт ги постави темелите на новата спортска политика – транспарентна, отчетна и насочена кон конкретни резултати.
„Работевме дома, но го етаблиравме македонскиот спорт и на меѓународен план со воспоспоставување на билатерална соработка со земјите од регионот. Потпишавме меморандуми за соработка во областа на спортот со Србија и со Црна Гора и ја вклучуваме Македонија во значајни регионалните проекти во делот на спортот“ нагласи министерот Ристовски.
Во годишниот отчет за работата на Министерството за спорт резултатите беа презентирани и низ конкретни бројки
„Како Министерство за спорт во изминативе 12 месеци обезбедивме и исплативме рекордни 20 милиони евра директна финансиска поддршка за македонскиот спорт. Овие финансии националните спортски федерации, клубовите и спортистите сега ги добиваат директно од државните субвенции за спортот и дополнителните средства што законски се издвојуваат од игрите на среќа. Во овој дел ги обезбедивме и го исплативме заостанатите- ветени и нерелизирани субвенции од претходната власт во висина од 550 милиони денари за претходната година. Потоа, за четири месеци во 2025 година обезбедивме и исплативме уште 440 милиони денари како прв дел од државните субвенции за спортот за оваа година. До крајот на годината на спортските субјекти ќе им биде исплатен и вториот дел од субвенциите“, истакна Ристовски.
Во меѓувреме беа исплатени и средствата од игри на среќа како поддршка за врвниот спорт, за училишниот спорт, за поддршка на женскиот спорт и на млади талентирани спортисти. Младите спортисти како темел на кој се гради иднината на спортот, се исто така еден од приоритетите на Министерството за спорт. Како поддршка за младите талентирани спортисти, Министерството за спорт додели 500 стипендии „Спортска надеж“.Со заложба да почитуваат спортистите и да се вреднуваат резултатите, не беа заборавени ни оние што ги поставиле темелите и што дале огромен придонес во издигнувањето на македонскиот спорт и во негова промоција на меѓународна сцена. Со измените во Законот за спорт, 22 истакнати спортисти, освојувачи на европски и светски клупски титули добија највисоко Национално спортско признание.
Во првата година од работата на Министерството за спорт посебно внимание е посветено на реализација на инфрструктурните проекти.
„Многупати досега сум кажа и пак ќе повторам – не може да бараме резултати, ако спортистите нема каде да тренираат. Ако децата нема каде да спортуваат уште од мали – не може да очекуваме кога ќе пораснат да станат врвни спортисти.Сите ние сме сведоци и многу добро знаеме каква е состојбата со спортската инфраструктура во Македонија. И токму затоа се зафативме со една сериозна задача да направиме исчекор во оваа сфера за да го направиме спортот достапен за сите – во секое маало, во секој град, во секое училиште низ целата држава“, рече Ристовски.
Во делот на спортската инфраструктура во изминативе 12 месеци Министерството за спорт реализира повеќе проекти:
Комплетно е реконструирана спортската сала во Радовиш,
Изградена е нова атлетска патека во Гевгелија.
Ново Село доби комплетно реконструирана спортска сала
Почната е целосна реконструкција на спортската сала “Расадник“ во Скопје, која ќе биде завршена во октомври годинава.
Почнат е проектот за изградба на нова спортска сала во склоп на Воената академија во Скопје
Во тек е и постапката за целосна реконструкција на спортската сала во рамки на универзитетскиот комплекс на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Покрај спортските сали, во изминатите 12 месеци, Министерството за спорт изгради 15 мултифункционални игралишта во урбани и рурални средини и реконструираше уште 15 спортски центри во повеќе општини низ целата држава.
По повеќе години застој, откочен е процесот за изградба на пет базени – два во Скопје – еден во општина Кисела Вода и еден во општина Ѓорче Петров, во Кичево, во Битола и во Штип. Сите овие пет објекти беа затекнати со реализација под 20%, со години оставени како руина.Реализацијата на капиталните инвестиции на Министерството за спорт до крајот на 2024 година изнесуваше 98,26%. Во првите шест месеци од 2025 година, веќе е достигната реализација од 74,32%.„Ова е само почеток. Ја поставивме основата, ја враќаме довербата и сега ја носиме обврската да продолжиме уште поодлучно. Ќе продолжиме да го јакнеме спортот, да ги вреднуваме резултатите, да ги почитуваме спортистите и спортските работници и да промовираме вистински вредности. Со една и единствена цел спортот да го направиме достапен за сите, македонскиот спорт да го подигнеме на повисоко ниво, македонските спортисти гордо и достоинствено да ја претставуваат Македонија на спортските терени“, заврши министерот.