Проф. д-р Драган Кочински, епидемиолог во ИЈЗ, вели дека најголем број случаи биле евидентирани во 2014 година (кога имало 11 заболени и 5 починати), а потоа секоја година бројот на заболени се движи до максимум 5 на годишно ниво.
„Оваа бројка од три заболени лица е очекувана. Кај нив направена е епидемиолошка анкета од епидемиолози. Ова е заболување кое има инкубациски период и до 70 дена (но, најчесто инкубацијата трае 3 недели), па затоа, потешко е да се добие податок во однос на храната, од каде ја набавувале, како била подготвена пред консумација и слично.
Секоја храна може да е инкриминирана, а најчесто е тоа храна која не е свежа односно е спакувана – млеко, млечни производи, месо, месни производи, свежо овошје и зеленчук.
Како што пишува во информативниот текст во врска со оваа болест, на веб-страницата на ИЈЗ, најчесто инкриминирана храна која се поврзува со ширење на листериоза се смета месо и преработки од месо (колбаси, виршли, паштети, деликатесни меса и нарезоци), непастеризирано млеко и млечни производи како што се меко сирење, кремови/намази, путер, посебно ако се направени од непастеризирано млеко; свежа или чадена риба и морски плодови, замрзнато месо и месни продукти, свежо и замрзнато овошје и зеленчук, претходно подготвени салати и сендвичи, из’ртени семиња готови за консумирање.
„Инфекцијата може да се пренесе и преку контаминиран свеж зеленчук и овошје, особено лубеница и диња (познати епидемии во светот). Други патишта на пренесување на инфекција може да бидат: директен контакт со заразените животни, нивни органи, ткива и излачувања или контаминирана животна средина. Бремените жени може да ја пренесат инфекцијата на новородените преку плацентата или за време на раѓањето“, пишува во објавата.Извор: 24.mk